ВНИМАНИЕ ВОЗАЧИ Нови затворања и измени на патиштата, АМСМ објави каде ќе има пренасочување
На автопатот Велес–Неготино и експресниот пат Градско–Дреново се воведува изменет режим на сообраќај, додека на повеќе други делници има градежни работи, семафори и наизменично пропуштање на возила.

Сообраќајот на државните патишта денеска се одвива непречено, но на повеќе патни правци низ земјава се во сила времени измени на режимот на сообраќај поради градежни активности, санации и реконструкции. Од АМСМ информираат дека коловозите се наместа влажни на повисоките места во западните делови од државата, додека во останатите региони претежно се суви.
Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 25 ноември до 31 декември 2026 година ќе има времен режим на сообраќај на експресниот пат А1, на делницата Градско – клучка Дреново, поради санација на асфалтните површини. Сообраќајот ќе се пренасочува и регулира согласно поставената сигнализација.
Во истиот период ќе има изменет режим и на автопатот А1, на делницата Велес – Неготино, во зоната на клучката Градско, исто така поради санациони работи на асфалтот.
Измени има и на експресниот пат Штип – Радовиш, во близина на клучката Бучим. Таму од 24 ноември се изведуваат градежни активности за замена на оштетена еластомерна дилатација на мостот на километар 26+913. Поради работите поставени се семафори, а сообраќајот се одвива наизменично.
АМСМ информира и за повеќе други патни правци на кои се применува времен режим на сообраќај:
-
Калишта – Радожда, кај месноста Елен Камен: Сообраќајот се одвива наизменично, по една сообраќајна лента, со наизменично пропуштање на возилата.
-
Кичево – Охрид, од Пресека до Песочан и клучката Арбиново: Во тек се работи за санација на левиот коловоз, поради што е воведен времен режим на сообраќај.
-
Гостивар – Кичево: Се врши санација на мостот број 63, на реката Тајмишка, при што сообраќајот се одвива според времен режим.
-
Струга – Дебар: Во тек се активности за реконструкција на инекционата завеса на браната Глобочица, поради што има изменет режим на сообраќај.
-
Гевгелија – ГП Богородица: До 15 април 2027 година ќе биде во сила времен режим. Сообраќајот во делот од исклучувањето за Гевгелија до граничниот премин се пренасочува на спротивната страна од автопатот, каде се одвива двонасочно.
-
Граничен премин Делчево: Поради реконструкција е воведен времен режим, но граничниот премин функционира непрекинато.
-
Штип: Во тек е санација на мостот на реката Брегалница на регионалниот пат Р1204, со времен режим на сообраќај.
-
Косоврасти – Мелнички Мост: Се врши санација на свлечиште на регионалниот пат Р1202, а изменетиот режим ќе важи до завршување на работите.
-
Прилеп – Битола: Поради активностите на Коридорот 10Д, сообраќајот се пренасочува на регионалниот пат, на потегот од клучката Лагово до Тополчани.
-
Прилеп – Крушево – Сладуево: Поради санација на оштетувања на коловозот, целосно е затворен потегот од Мало Коњари до Кривогаштани, а сообраќајот се пренасочува по алтернативна делница.
-
ГП Блаце – Скопје: На повеќе делници се изведуваат градежни работи, а сообраќајот се одвива според времен режим.
-
Кичево – Охрид: Поради градежни активности на повеќе делници, сообраќајот се одвива со девијации.
АМСМ со предупредување за одрони и зимска опрема
Од АМСМ апелираат возачите да ја приспособат брзината на движење, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да управуваат внимателно, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои опасност од одрони.
Посебно внимание се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 15 ноември 2026 година започна и законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, која ќе трае до 15 март 2027 година, без оглед на моменталните временски услови.
Дополнително, од 17 ноември патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е затворен за сообраќај за сите видови возила поради сезонскиот режим.

