ЕКСМИНИСТЕРОТ ГО ЗАПЕЧАТИЛ СЛУЧАЈОТ, КЛЕКОВСКИ ЧЕКА СЕРТИФИКАТ Кој ќе одговори за операциите на срце за профит во приватните болници?

Домашни и странски експерти утврдиле пропусти во медицинските досиеја, но извештајот сè уште не е доставен до Обвинителството.

ЕКСМИНИСТЕРОТ ГО ЗАПЕЧАТИЛ СЛУЧАЈОТ, КЛЕКОВСКИ ЧЕКА СЕРТИФИКАТ Кој ќе одговори за операциите на срце за профит во приватните болници?
Фото: Принтскрин

Случајот со сомнежите за кардиохируршки операции во приватни болници, извршувани заради профит, сè уште нема разрешница. Иако домашни и странски експертски комисии констатирале пропусти во дел од медицинските досиеја на пациентите, извештајот од странските експерти сè уште не е доставен до Обвинителството.

Случајот дополнително се усложнува откако поранешниот министер за здравство Азир Алиу го класифицирал како доверлив, додека актуелниот министер Сашо Клековски тврди дека сè уште чека безбедносен сертификат за да може извештајот да го достави до Обвинителството.

Целта е надлежните институции да утврдат дали имало злоупотреби и кој евентуално профитирал на сметка на здравјето на пациентите.

Клековски во изјава за ТВ 24 вели дека е најдоследен во барањето случаите да добијат судска разрешница, посочувајќи дека и во изминатите две години имало кривични пресуди и осудени директори на здравствени установи.

„Јас мислам дека сум најконсеквентен за барањето да има разрешница на сите случаи. Како што овие две години има кривични пресуди, ние подолго време имаме осуден директор на здравствена установа, значи да нема дилема во јавноста дека заштитата на пациентите е секундарна за здравствените власти“, изјави Клековски.

Но, сомнежите за евентуални операции мотивирани од финансиски интерес и натаму остануваат без конечен одговор. Кардиологот Сашко Кедев, кој го отвори случајот, во изјава за ТВ 24 предупредува дека е недозволиво здравствените власти да не го расчистат случајот, а истовремено да нема соодветна контрола врз приватното здравство.

„Одговорноста за сето ова е кај здравствените авторитети – треба да го расчистат случајот. Тука во прашање е јавниот интерес, во прашање се обичните луѓе и здравјето на обичните луѓе. Недозволиво е да не се расчисти тоа и да нема контрола, а продолжува тој систем да нема контрола. Тоа е неприфатливо“, предупредува Кедев.

Инаку, поранешниот министер за здравство Азир Алиу формираше домашна и странска експертска комисија, кои ги анализираа случаите и ги потврдија наводите на Кедев за одредени неправилности. При анализата биле откриени и пропусти во дел од медицинските досиеја на пациентите.

Прашањето зошто Алиу го класифицирал случајот останува без јасен одговор. Во претходен кус телефонски разговор за ТВ 24, поранешниот министер изјавил дека не сакал да навлегува во процесите.

И покрај претходните најави, извештајот на странските експерти досега не стигнал ниту до Обвинителството ниту до другите надлежни институции. Така, случајот што отвори сериозни прашања за контролата врз приватното здравство и за заштитата на пациентите и натаму чека институционална разрешница.

ДЕВЕТ ОД 13 СЛУЧАИ ПОТВРДЕНИ, А КОНТРОЛИ СЕ УШТЕ НЕМА – Кедев: Ова е недозволиво

CATEGORIES
Share This