ПО ГОДИНИ ЗАСТОЈ, КОНЕЧНО СЕ ГЛЕДА КРАЈОТ Клучката кај Момин Поток во завршна фаза
Се асфалтира еден од мостовите, се гради последниот од вкупно пет, а градоначалникот Ѓорѓиевски најави дека преостанува и изградбата на уште еден кружен тек.

Изградбата на клучката кај Момин Поток во Скопје се приближува кон финалето. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информира дека на еден од новоизградените мостови веќе се поставува асфалт, додека паралелно се работи на изградбата на последниот, петти мост од проектот.
Ѓорѓиевски посочува дека по преземањето на градоначалничката функција, најпрво биле завршени експропријациите кои претходно го попречувале напредокот на проектот, по што градежните активности продолжиле со засилено темпо.
„Веднаш штом ја презедов одговорноста за Скопје, ги завршивме експропријациите што ја кочеа изградбата на клучката „Момин Поток“. Оттогаш работиме со едно темпо и со една цел скопјани конечно да ја добијат оваа клучна сообраќајна врска. На мостот што го изградивме веќе поставуваме асфалт, а го градиме и последниот од петте моста. Едната коловозна лента е веќе асфалтирана“ објави градоначалникот на Фејсбук.
Тој најави дека во наредниот период ќе биде асфалтирана и другата коловозна лента, по што ќе се пристапи кон поставување на завршниот асфалтен слој.
Меѓу преостанатите активности е и изградбата на уште еден кружен тек, со што треба да се заокружи реализацијата на овој значаен инфраструктурен проект за главниот град.

