ПОМИНАА 35 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА ЛЕГЕНДАРНИОТ ФРОНТМЕН НА „КВИН“ Фреди Меркјури остави неизбришлива трага во светската музика
Со својот препознатлив глас, широк вокален опсег и енергично сценско присуство, Меркјури ја претвори „Квин“ во светски музички феномен. Меѓу најпознатите песни поврзани со него се „Bohemian Rhapsody“, „We Are the Champions“, „Somebody to Love“, „Don't Stop Me Now“ и „Killer Queen“.

На денешен ден, 24 ноември, се навршуваат 35 години од смртта на Фреди Меркјури, еден од најголемите музичари и сценски изведувачи во историјата на рок-музиката. И повеќе од три децении по неговото заминување, неговиот глас, харизма и музичко наследство продолжуваат да живеат низ песните на легендарната група „Квин“.
Меркјури почина на 24 ноември 1991 година, на 45-годишна возраст, во својот дом во Лондон, од бронхопневмонија предизвикана од СИДА. Само еден ден претходно јавно потврди дека боледува од оваа болест, со што стави крај на долгогодишните шпекулации за неговата здравствена состојба.
Фреди Меркјури е роден на 5 септември 1946 година во Занзибар, како Фарок Булсара. Детството го поминал делумно во Индија, каде што учел пијано и ги направил првите музички чекори. Во 1964 година, по политичките немири во Занзибар, неговото семејство се преселило во Англија.
Студирал графички дизајн на уметничкиот колеџ „Илинг“ во Лондон, а во 1970 година заедно со Брајан Меј и Роџер Тејлор ја основал групата „Квин“. Во 1971 година им се приклучил и басистот Џон Дикон, со што се оформил составот кој ќе стане еден од најуспешните во историјата на рок-музиката.
Со својот препознатлив глас, широк вокален опсег и енергично сценско присуство, Меркјури ја претвори „Квин“ во светски музички феномен. Меѓу најпознатите песни поврзани со него се „Bohemian Rhapsody“, „We Are the Champions“, „Somebody to Love“, „Don’t Stop Me Now“ и „Killer Queen“.
Настапот на „Квин“ на хуманитарниот концерт Live Aid во 1985 година на стадионот „Вембли“ и денес се смета за еден од најлегендарните моменти во историјата на концертната музика.
Покрај работата со бендот, Меркјури имаше и успешна соло-кариера, а оствари и значајна соработка со оперската пејачка Монсерат Кабаље, со која го сними албумот „Barcelona“.
Иако неговиот живот заврши прерано, Фреди Меркјури останува симбол на музичка слобода, оригиналност и врвна сценска уметност. Неговите песни продолжуваат да ги обединуваат генерациите, а неговото име засекогаш останува запишано во историјата на светската музика.

