ОД 100.000 ЕВРА МИТО ДО ДИПЛОМА ЗА 9.000 ЕВРА Што сè открија пораките од телефонот на ексдиректорот Анакиев

Снимки од тајно следење, разговори за исплата на 50.000 евра, пораки за факултетска диплома, вработувања и земјоделско земјиште беа дел од доказите презентирани на судењето против поранешниот директор на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев.

ОД 100.000 ЕВРА МИТО ДО ДИПЛОМА ЗА 9.000 ЕВРА Што сè открија пораките од телефонот на ексдиректорот Анакиев
Фото: Принтскрин

Нови детали од случајот против поранешниот директор на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, беа презентирани на денешното рочиште во Одделот за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд во Скопје.

Обвинителството презентираше аудио и видеоснимки од посебните истражни мерки (ПИ-мерки), со кои биле документирани средбите и разговорите на Анакиев со Методи Манов, сопственик на фирмата „Манови“, чии камиони со вештачко ѓубриво биле задржани на границата со Бугарија. Според обвинението, Анакиев побарал 100.000 евра во две рати за да овозможи увоз на вештачкото ѓубриво и идни увози на стоката.

Снимките се направени на 13 март 2026 година во угостителски објект во Свети Николе, а потоа и во хотел во близина на градот. На првите снимки Анакиев не е присутен. Се слуша разговор меѓу Методи Манов, неговиот брат и шпедитерот Горанчо Стаменковски, кој ги поврзал двете страни. Во еден момент се слуша изјава од еден од браќата Манови:

„Има криза за вештачко ѓубре. Ако не ги пушта камионите, ќе продаваме во Бугарија“.

Околу 17:30 часот тие ја напуштаат кафеаната и се упатуваат кон хотелот каде што требало да се сретнат со Анакиев. Адвокатот на одбраната Еленко Миланов реагираше дека на снимките нема повикување од Анакиев да дојдат на средба. Околу 17:55 часот Анакиев пристигнува во хотелот. Го поздравува Стаменковски, разговара на телефон, а потоа му се обраќа на Манов:

„Стигнаа ли камионите?“

Манов му одговара: „Да, фала многу“.

Во разговорот Манов бара гаранција дека нема да има проблеми со идните увози.

„Сакам гаранција, не сакам да имаме во иднина сопки“, му вели тој.

Подоцна Анакиев го зема мобилниот телефон на Стаменковски и пишува порака, притоа му кажува да напише „на двапати“, но да не ја испраќа пораката. Во 19:09 часот Манов му се обраќа:

„Директоре, прочита ли? Првата рата може одма да ја дадеме, не е проблем“.

Анакиев одговара дека крајниот рок е петти, пред или по Велигден. Потоа Манов бара намалување на првата рата.

„Спушти малку од првата рата“, му вели Манов. „Треба брзо да се реагира“, одговара Анакиев. „Педесет до кога?“, прашува Манов. „До крај на неделата“, одговара Анакиев.

Според обвинителството, разговорите се однесуваат на договорената исплата на поткупот.

Според обвинителниот акт, на 19 март 2026 година, откако пријавителот преку сведок му ја предал првата рата од 50.000 евра, Анакиев бил лишен од слобода при преземањето на парите. Обвинителката Искра Хаџи Василева презентираше и полициски извештај за пронајдените пари во торбата. Во неа имало 36 банкноти од по 200 евра, 164 банкноти од по 50 евра, повеќе од 300 банкноти од по 100 евра и една банкнота од 500 евра.

Анакиев беше уапсен во гаражата на зградата во која живее тогашниот министер за земјоделство Цветан Трипуновски, кому му бил претпоставен во службената хиерархија.

Посебно внимание привлекоа и пораките од мобилниот телефон на Анакиев, во кои се разговара за посредување при упис на факултет и добивање диплома. Во комуникација од 25 јануари 2026 година, Анакиев му пишува на лице заведено во именикот како Љупчо:

„4.500 однапред, 4.500 на зимање. 180 кредити ќе биде Економски факултет. Треба само 180 кредити. Што има средно?“

Потоа двајцата разговараат за Европски факултет, а Анакиев бара податоци и документи потребни за посредување при уписот, меѓу кои државјанство и изводи.

Во другите комуникации од мобилниот телефон на Анакиев се појавуваат разговори за тендер за Мантово, како и за земјиште во Селце кај Драгоево. На 10 февруари 2026 година тој се жали дека тешко оди постапката за раскинување договор за закуп на 35 хектари.

На 23 февруари лицето заведено како Љупчо му испраќа слика од парцела во Лозово за која е заинтересирано, а бара и информации за жалителите во постапката. На 3 март Анакиев му одговара дека Конче е слободно и му порачува да се подготви за лицитација.

Обвинителката Хаџи Василева објасни дека овие докази се презентираат во контекст на личноста и поведението на обвинетиот при службеното постапување како директор на Државниот инспекторат за земјоделство.

На судењето беа презентирани и пораки од Телеграм со лице кое не било заведено во именикот на Анакиев. Во комуникација од 11 август 2024 година се споменуваат едно работно место преку авторски договор и две привремени вработувања, меѓу кои и позиции за помлад соработник со земјоделски и правни науки. На 30 октомври 2024 година Анакиев му пишува на лицето:

„Претседателе, добар ден. Кај мене во инспекторат има можност за вработување во архива, помлад соработник“.

Во пораките од 2025 година се споменуваат и имиња на лица за кои се бараат или препраќаат информации во врска со вработувања.

На 15 август 2025 година Анакиев добива порака од тогашниот министер Цветан Трипуновски со прашањето: „Овде дали прати контрола?“, која потоа му ја препраќа на лицето заведено како „претседател“.

Во доказите од другиот мобилен телефон се појавуваат и документи потпишани од министерот Трипуновски, поврзани со вработувања.

На 1 јули 2026 година, обвинителката Искра Хаџи Василева од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт против Анакиев за кривично дело примање поткуп.

Според обвинението, тој како директор на Државниот инспекторат за земјоделство побарал и прибавил значителна имотна корист за себе, влијаејќи врз службено лице – фитосанитарен инспектор на граничен премин да не дозволи влез на пратка со вештачко ѓубриво.

Анакиев ги негира обвинувањата и ги оспорува доказите на обвинителството. Одбраната, пак, реагираше на интерпретацијата на дел од презентираните снимки.

На следното судско рочиште продолжува презентацијата на доказите прибрани со посебните истражни мерки, по што се очекува да започне и доказната постапка на одбраната.

CATEGORIES
Share This