МИЦКОСКИ ДО МЛАДИТЕ КОИ ПРОТЕСТИРААТ Во мене имате соговорник и соработник, но политиката да остане надвор
Премиерот порача дека насилството врз жените бара сериозен институционален одговор, а не партиски пресметки.

Премиерот Христијан Мицкоски им порача на младите кои протестираат против насилството врз жените дека во него можат да гледаат соговорник и соработник во борбата против оваа појава, нагласувајќи дека политиката и партиските интереси мора да останат надвор од ова прашање. На конференцијата на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рече дека е шокиран од случаите на насилство и дека се потребни одговори не само од МВР, туку и од превентивните механизми, обвинителството и судовите.
Тој оцени дека проблемот не започнал со актуелната Влада, туку е последица на долгогодишно разорување на системот, губење на моралните вредности и ниската општествена и политичка култура. Премиерот упати критики до опозицијата, обвинувајќи ја дека се обидува да извлече политички поени од секој инцидент и семеен проблем, наместо да понуди решенија.
„Немаат програма, немаат идеи, туку се посветени на рушење и се во тотална безидејност“, рече Мицкоски, додавајќи дека младите треба да добиваат подобар пример од политичарите.
Тој ги повика младите да учествуваат и во дебатата за предложените законски измени за поефикасна заштита од семејно насилство, нагласувајќи дека решенијата треба да се носат преку дијалог.
Осврнувајќи се на случајот со „Алта банка“, Мицкоски ја обвини опозицијата за дезинформации и манипулации, тврдејќи дека станува збор за увезен проблем поврзан со случувањата во матичната банка во Србија. Тој порача дека банката ќе биде спасена и дека парите на граѓаните ќе останат достапни, а потсети и на случајот со Еуростандард банка.
На крајот од обраќањето, Мицкоски истакна дека Владата се фокусира на економскиот раст и справувањето со кризите, оценувајќи дека Македонија бележи добри економски резултати и има една од пониските стапки на инфлација во Европа.
БРУТАЛЕН НАПАД ВО ОХРИД Девојка претепана до бесвест и оставена на улица, уапсен 31-годишник

