ГЕРМАНИЈА ГИ ПРЕПОЛОВУВА РАБОТНИТЕ ДОЗВОЛИ ЗА МАКЕДОНЦИТЕ Од 2027 година само 25.000 места
Наместо досегашните 50.000, Германија ќе прима двојно помалку работници од шесте земји на Западен Балкан, ако уредбата добие зелено светло од Бундесратот

Германија планира од 1 јануари 2027 година да ја преполови квотата за работници од Северна Македонија и уште пет земји од Западен Балкан. Наместо досегашните 50.000, годишно ќе можат да добијат работна дозвола најмногу 25.000 граѓани од регионот. Германската влада веќе донела уредба за намалување на квотата, но за одлуката да стапи на сила потребна е согласност од Бундесратот.
Мерката се однесува на таканареченото Правило за Западен Балкан, кое од 2016 година им овозможува на граѓаните од Македонија, Албанија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора да работат во Германија и без признаена диплома или стручна квалификација, доколку имаат конкретна понуда за работа.
Германската влада намалувањето го образложува со потребата од ограничување на работната миграција која не е условена со квалификации. Квотата претходно беше зголемена од 25.000 на 50.000 во 2024 година, а сега се враќа на првичното ниво. Интересот за работа во Германија е значително поголем од расположливите места. Квотата за 2025 година била исполнета уште кон крајот на ноември, а само во декември биле одбиени околу 18.000 барања.
Против намалувањето се германската Агенција за вработување и здруженијата на работодавачи, особено од градежништвото, угостителството, туризмот и логистиката, кои предупредуваат на недостиг од работна сила. Важно е што уредбата не предвидува посебни ограничувања за лицата кои веќе работат во Германија според ова правило. Конечната одлука сега е во рацете на Бундесратот, кој треба да даде согласност за намалувањето.
ГЕРМАНИЈА ЈА ЗАТВОРА ВРАТАТА ЗА РАБОТНИЦИТЕ ОД БАЛКАНОТ Од 2027 година квотата се преполовува

