НЕМА ПОВЕЌЕ ЧЕКАЊЕ ЗА ЖРТВИТЕ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО Секоја пријава веднаш ќе оди до обвинителството

Полицијата, обвинителите и центрите за социјална работа воведуваат нов протокол за итна реакција, процена на ризикот и побрзо гонење на насилниците.

НЕМА ПОВЕЌЕ ЧЕКАЊЕ ЗА ЖРТВИТЕ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО Секоја пријава веднаш ќе оди до обвинителството
Фото: Принтскрин

Полицијата, Јавното обвинителство и центрите за социјална работа воспоставуваат нови механизми за побрзо и координирано постапување при пријави за семејно насилство, со цел жртвите навремено да добијат заштита, а сторителите поефикасно да бидат кривично гонети.

Конкретните мерки беа договорени на работен состанок во Јавното обвинителство, на кој учествуваа државниот јавен обвинител Ненад Савески, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски.

Според договорениот протокол, МВР веднаш по приемот на пријава за семејно насилство ќе го известува надлежното јавно обвинителство. Потоа, јавниот обвинител ќе формира и ќе ја координира работата на тим во кој ќе учествуваат полициски инспектори и стручни лица од центрите за социјална работа.

Новото постапување предвидува навремено обезбедување вештачења и стручни мислења за утврдување на евентуалните повреди, процена на ризикот за жртвата и прибирање на сите неопходни докази.

Целта е обвинителството во најкраток можен рок да располага со потребните информации и докази за да донесе одлука за преземање дејствија за кривично гонење. На овој начин, институциите треба да обезбедат побрза реакција во секоја фаза од постапувањето, од првичната пријава и процената на опасноста до процесирањето на сторителот.

Дополнително, во сите три институции ќе бидат определени контакт-лица кои постојано ќе бидат достапни за меѓусебна комуникација, координација и давање итни насоки. Постапувањето ќе се одвива според стандардизирани процедури, со јасно утврдени надлежности и одговорности, со што треба да се избегнат непотребните одложувања и недостигот од координација меѓу институциите.

Од институциите посочуваат дека мерките се договорени поради сериозноста на појавата и загрижувачките трендови кај кривичните дела поврзани со семејното насилство. Очекувањето е новиот начин на работа да овозможи навремена заштита и згрижување на жртвите, побрзо откривање на насилството и поефикасно изведување на сторителите пред правдата.

CATEGORIES
Share This