АИ МОЖЕ ДА НАПИШЕ ОБВИНИТЕЛЕН АКТ, НО КОЈ ЌЕ ОДГОВАРА АКО Е ПОГРЕШЕН Обвинителката со важно предупредување
Во Јавното обвинителство сè уште не се користат вакви системи, а на дебата на Правниот факултет беа посочени и опасностите од лажна судска практика, дипфејк докази и злоупотреби.

Вештачката интелигенција може значително да ја забрза и олесни работата во правосудството, особено при анализа на големи количества документи, финансиски трансакции, комуникации и електронски докази. Но, конечната процена и одговорноста мора да останат кај правните професионалци.
Ова беше главната порака од дебатата „Вештачката интелигенција во правосудството: можности и предизвици?“, одржана на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ.
Јавната обвинителка за организиран криминал и корупција, Ана Гоговска Јакимовска, оцени дека примената на ваквите системи би заштедила значително време во работата на обвинителите, особено при обработка на обемни финансиски и банкарски трансакции, сметки, комуникации и податоци од електронски уреди. Таа откри дека во Јавното обвинителство засега не се користат системи со вештачка интелигенција, туку софтверски решенија за анализа и поврзување на податоци и докази.
Гоговска Јакимовска предупреди дека правниците не смеат целосно да се потпираат на информациите генерирани од вештачката интелигенција, туку мора да ги проверуваат сите податоци и правни извори. Како пример ги посочи случаите во кои адвокати користеле непостоечка или погрешна судска практика.
„Не можете, ако изготвите обвинителен акт користејќи вештачка интелигенција, а таа ве насочи погрешно, да отидете кај судијата и да му речете: „Судија, извинете, меѓутоа вештачката интелигенција ме насочи погрешно“. Одговорноста останува лична, ваша“ истакна обвинителката.
Таа предупреди и на можностите за злоупотреба на вештачката интелигенција за создавање лажни фотографии, видеа и гласовни пораки, односно дипфејк содржини, кои можат да се користат за измами и изнудување пари. Во ваквите случаи, особено значајно е утврдувањето на автентичноста, релевантноста и законитоста на дигиталните докази, при што клучна улога има дигиталната форензика.
Според Гоговска Јакимовска, технологијата може да биде значајна помош во правосудството, но не може да го замени човечкиот фактор, особено комуникацијата со странките, обвинетите и оштетените. Таа нагласи дека емпатијата и човечкото разбирање се неопходни за успешно водење на предметите.
Францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, пак, истакна дека развојот на вештачката интелигенција се одвива многу побрзо од очекувањата и дека Европа се залага за јасни правила и регулатива, со заштита на човековите права, транспарентност и човечки надзор.
Професори од Правниот факултете посочија дека универзитетите имаат клучна улога во подготовката на идните правници за одговорна употреба на новите технологии. На Правниот факултет е веќе реализиран проект поддржан од Министерството за образование и наука, во чии рамки се подготвува интердисциплинарна публикација за човековите права, владеењето на правото и одговорноста во сферата на вештачката интелигенција.
Во тек е и анализа за усогласувањето на македонското законодавство со европската регулатива за вештачка интелигенција, како и подготовка на Национална стратегија за вештачка интелигенција. Вештачката интелигенција не смее да стане конечен авторитет во правната работа и дека студентите мора самостојно да ги проверуваат информациите и да развиваат правно резонирање.
Како пример за последиците од некритичкото користење на технологијата беше посочена и одлуката на Европскиот суд за човекови права од 13 ноември, со која, на албанска адвокатка ѝ било забрането во иднина да застапува жалители пред Судот поради користење непостоечка судска практика и несоодветни правни извори.
Дебатата беше организирана од Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција, во соработка со Правниот факултет „Јустинијан Први“, Националната школа за судии и јавни обвинители и Експертиз Франс.

