БАРАЛЕ 100.000 ЕВРА, ПА МУ ГО ЗАПАЛИЛЕ РЕНЏ РОВЕРОТ Четворица Турци пријавени за изнуда во Штип

Двајца од осомничените се на издржување затворска казна во Идризово, а преку соработник наводно се обиделе да изнудат пари од турски државјанин, заканувајќи му се со семејството.

БАРАЛЕ 100.000 ЕВРА, ПА МУ ГО ЗАПАЛИЛЕ РЕНЏ РОВЕРОТ Четворица Турци пријавени за изнуда во Штип
Фото: Принтскрин

Четворица турски државјани со привремен престој во Штип се пријавени за изнуда во обид, откако, според сомненијата на полицијата, се обиделе да изнудат десетици илјади евра од свој сонародник, а потоа било запалено возило во сопственост на неговата сопруга.

СВР Штип, во координација со Одделот за криминалистичка полиција, поднело кривична пријава против К.К. (22), Р.А. (24), Ф.С. (25) и Р.Б. (23) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „изнуда“ во обид. Против Р.Б. е пријавено и кривично дело „предизвикување општа опасност“.

Според информациите од МВР, прво и второпријавениот, К.К. и Р.А., кои во моментот се на издржување затворска казна во КПУ Затвор Идризово, преку третопријавениот Ф.С., во периодот од 9 до 17 ноември 2026 година, во неколку наврати се обиделе да изнудат пари од Џ.О., исто така турски државјанин.

Тоа го правеле преку телефонски контакти и директни средби на Ф.С. со оштетениот, барајќи му пари за кои наводно тврделе дека ги стекнал на нелегален начин во државата.

Најпрво му побарале 100.000 евра, притоа заканувајќи му се со семејството. Откако тој го одбил барањето, сумата ја намалиле на 40.000 евра, но и овој пат не успеале да ги добијат парите.

Според сомненијата на полицијата, откако Џ.О. ги одбил и вторите барања, осомничените го поттикнале четвртопријавениот Р.Б. да предизвика пожар на возило во сопственост на сопругата на оштетениот.

Така, на 17 ноември 2026 година, на паркинг-простор на улицата „Страшо Пинџур“ во Штип, Р.Б. со употреба на запалива течност предизвикал пожар на патничко возило „Ренџ Ровер“.

За случајот е поднесена кривична пријава, а осомничените ќе одговараат за делата за кои се товарат.

CATEGORIES
Share This