СЕ ПРЕТСТАВУВААТ КАКО ВРСНИЦИ, А ПОТОА ГИ УЦЕНУВААТ ДЕЦАТА – МВР предупредува на групата „764“
Се претставуваат како врсници, стекнуваат доверба кај децата, а потоа почнуваат со закани, уцени и манипулации. МВР предупредува на насилната онлајн заедница „764“, чии членови таргетираат малолетници и ги принудуваат на опасни дејствија.

Министерството за внатрешни работи упати сериозен апел до родителите, старателите, наставниците и пошироката јавност за зголемена внимателност во однос на појавата позната како „764“ насилна онлајн заедница чии членови таргетираат деца, малолетници и други ранливи лица.
За сериозноста на оваа појава предупредуваат и меѓународните безбедносни институции, меѓу кои и Федералното истражно биро на САД (ФБИ), кое групата „764“ ја поврзува со пошироки нихилистички насилни екстремистички заедници и сродни групи.
Целта на апелот на МВР е родителите и јавноста навремено да бидат информирани за начините на дејствување на ваквите групи, ризиците за децата и можностите за нивна заштита.
Групата „764“ дејствува преку различни социјални мрежи, апликации за комуникација и платформи за онлајн игри. Нејзините членови користат платформи како Дискорд, Телеграм, Роблокс, Инстаграм, Тик-Ток, Снепчет, Редит, Икс, Мајнкрафт и Фортнајт. Најчесто, контактот со децата и младите го воспоставуваат претставувајќи се како нивни врсници или како лица заинтересирани за пријателски или емотивен однос.
Откако ќе ја стекнат нивната доверба, започнуваат со манипулации, закани и уцени, обидувајќи се да ги принудат да испраќаат интимни фотографии и видеоснимки, да се самоповредуваат, да вршат насилство врз други лица или животни, па дури и да преземаат дејствија со животозагрозувачки последици. Материјалите што ги добиваат потоа ги користат како средство за дополнително заплашување, уценување и воспоставување контрола врз жртвите, предупредуваат од МВР.
МВР ги повикува родителите и старателите да обрнат особено внимание на евентуални промени во однесувањето на децата, кои може да укажуваат дека се изложени на онлајн злоупотреба. Меѓу предупредувачките знаци се:
- Ненадејно повлекување во себе, страв, вознемиреност или раздразливост.
- Зголемена таинственост при користењето на мобилниот телефон или компјутерот.
- Интензивна комуникација со непознати лица преку социјалните мрежи и платформите за онлајн игри.
- Примање заканувачки пораки, уцени или барања за испраќање фотографии и видеоснимки.
- Необјаснети повреди, исеченици, гребнатини или други можни знаци на самоповредување.
- Изразување безнадежност или разговори за смрт и самоубиство.
Од Министерството нагласуваат дека овие промени не мора да значат дека детето е жртва на ваква група, но не треба да бидат игнорирани. Потребни се внимателен пристап, отворен разговор со детето и навремена реакција доколку постои сомнеж за злоупотреба.
МВР препорачува родителите редовно да разговараат со децата за нивните активности на интернет, да покажуваат интерес за тоа со кого комуницираат и какви содржини следат. Особено важно е децата да бидат едуцирани за опасностите од споделување лични податоци, лозинки, интимни фотографии и видеоснимки со непознати лица.
Тие треба да знаат дека доколку некој ги уценува, заплашува или манипулира со нив, веднаш треба да побараат помош од родителите, старателите, наставниците или надлежните институции.
„Децата не треба да се чувствуваат виновни или да се плашат да пријават, без оглед на околностите“, порачуваат од МВР.
Доколку имате сознанија, информации или сомнеж за активности поврзани со групата „764“ или други слични насилни онлајн групи, случајот може да се пријави до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, на електронската адреса: cybercrime@moi.gov.mk
Доколку располагате со информации што можат да помогнат во постапувањето, од МВР советуваат да ги зачувате пораките, корисничките имиња, линковите и другите релевантни податоци.
Не треба да се влегува во конфронтација со лицата кои упатуваат закани, ниту да се преземаат чекори што дополнително би ја загрозиле безбедноста на детето. Исто така, не треба да се преземаат или препраќаат експлицитни материјали во кои се прикажани малолетници.
Заштитата на децата од онлајн злоупотреба е заедничка одговорност. Навременото препознавање на опасноста, отворениот разговор со децата и пријавувањето на сомнителните активности можат да спречат сериозни последици, па дури и да спасат животи.
МВР апелира до родителите и јавноста да бидат внимателни, да разговараат со децата и да ја пријавуваат секоја сомнителна активност.

