АМСМ СО ВАЖНО ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА ВОЗАЧИТЕ Каде има пренасочувања, работи и затворени делници

Сообраќајот е умерен, коловозите се претежно суви, а на граничните премини нема подолги задржувања

АМСМ СО ВАЖНО ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА ВОЗАЧИТЕ Каде има пренасочувања, работи и затворени делници
Фото: Национал

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од 15 ноември 2026 година започна законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталните временски услови. Обврската ќе важи до 15 март 2027 година. Повеќе информации за задолжителната зимска опрема можете да прочитате ТУКА.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на сообраќајната сигнализација и внимателно управување со возилата. Посебно внимание се препорачува на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои можност од појава на одрони. Ова особено се однесува на делниците: Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Од 17 ноември патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е затворен за сообраќај за сите видови возила, поради сезонскиот режим на сообраќај.

АМСМ информира за повеќе делници на кои се изведуваат градежни работи и се применуваат временски измени на режимот на сообраќај:

Калишта – Радожда

Од 17 ноември 2026 година на регионалниот пат Р1208, на делницата Калишта – Радожда, кај месноста Елен Камен, сообраќајот се одвива наизменично, по една сообраќајна лента. Возилата се пропуштаат наизменично низ заедничката слободна лента.

Кичево – Охрид

На автопатот А2, на делницата Пресека – Песочан до клучката Арбиново, од 28 октомври 2026 година е воведен времен режим на сообраќај поради санација на левиот коловоз. Изменетиот режим ќе важи до завршување на градежните работи.

Гостивар – Кичево

На државниот пат А2, на мостот број 63 на реката Тајмишка, од 30 септември 2026 година се изведуваат градежни активности. Поради тоа е воспоставен времен режим на сообраќај кој ќе трае до завршување на санацијата.

Струга – Дебар

На регионалниот пат Р1201, од 29 септември 2026 година е воведен времен режим на сообраќај поради реконструкција на инекционата завеса на браната „Глобочица“. Изменетиот режим ќе важи до завршување на работите.

Гевгелија – Граничен премин Богородица

На автопатот А1, од 24 септември 2026 година до 15 април 2027 година е воспоставен времен режим на сообраќај на делницата од исклучувањето за Гевгелија до граничниот премин Богородица.

Сообраќајот е пренасочен на спротивната страна од автопатот, па возилата во правец од граничниот премин Богородица кон Скопје се движат во две насоки. Времен режим е воведен и на клучката кај Гевгелија.

Граничен премин Делчево

Поради реконструкција на граничниот премин Делчево, од 9 септември 2026 година е воведен времен режим на сообраќај. Од АМСМ информираат дека граничниот премин ќе функционира непрекинато во текот на градежните работи.

Штип – мост на реката Брегалница

На регионалниот пат Р1204 во Штип, од 6 јули 2026 година се применува времен режим на сообраќај поради санација на мостот на реката Брегалница. Измената ќе трае до завршување на работите.

Косоврасти – Мелнички Мост

На регионалниот пат Р1202, на делницата Косоврасти – Мелнички Мост, од 12 септември 2025 година се изведува санација на свлечиште, поради што е воведена времена измена на режимот на сообраќај.

Прилеп – Битола

Поради активностите за изградба на Коридорот 10Д, сообраќајот на патниот правец Прилеп – Битола се пренасочува по регионалниот пат, на потегот од клучката Лагово до Тополчани.

Прилеп – Крушево – Сладуево

На регионалниот пат Р1306, поради санација на оштетувања и слегнувања на коловозот, од 16 декември 2024 година е воведено целосно затворање на делницата во потегот од Мало Коњари до Кривогаштани.

Сообраќајот се пренасочува по алтернативна делница, согласно поставената сообраќајна сигнализација.

Граничен премин Блаце – Скопје

На патниот правец ГП Блаце – Скопје се изведуваат градежни активности на повеќе делници. Сообраќајот се одвива согласно поставениот времен режим и соодветната сигнализација.

Кичево – Охрид

Поради градежни работи на повеќе делници од патниот правец Кичево – Охрид, сообраќајот се одвива со девијации. Се препорачува строго почитување на поставената сигнализација и прилагодување на брзината на движење.

CATEGORIES
Share This