ПУТИН И ТРАМП ПОВТОРНО ОЧИ В ОЧИ Си Џинпинг ги собра тројцата светски лидери во Кина
По средбата во Алјаска во август 2025 година, Путин и Трамп повторно се ракуваа и разговараа. Се очекуваат и посуштински разговори за енергетиката и меѓународните односи.

Рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп повторно се сретнаа и разменија ракување, овојпат на свечениот прием организиран во чест на учесниците на самитот на АПЕК во кинескиот град Шенжен.
На приемот домаќин беше кинескиот претседател Си Џинпинг, а тројцата лидери накратко разговараа стоејќи. Според РИА Новости, ваква средба меѓу нив не се случила од август 2025 година, кога самитот се одржа во Анкориџ, Алјаска.
Путин и Трамп седеа од двете страни на кинескиот претседател, кој беше придружуван од својата сопруга. Свечениот прием се одржа во Меѓународниот комуникациски центар Шенжен, во округот Футиан.
Помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, претходно најави дека Путин и Трамп би можеле да разговараат неколкупати во текот на самитот, во различни формати, при што се очекува разговорите да бидат посуштински. На агендата се очекува да се најдат повеќе меѓународни прашања, меѓу кои и соработката во енергетскиот сектор и нејзиното влијание врз глобалните односи.
Путин престојува во Шенжен, каде што на 18 и 19 ноември се одржува самитот на Азија-Пацификската економска соработка (АПЕК). Рускиот претседател претходно им се обрати на учесниците на бизнис-самитот, оценувајќи дека азиско-пацифичкиот регион сè повеќе се наметнува како еден од главните центри на светската економија.

