КРАЈ ЗА РАМПИТЕ НА ПАТАРИНИТЕ Македонија воведува електронска наплата – ќе се плаќа по изминат километар
Нема повеќе запирање на наплатните рампи, а возачите би можеле да плаќаат значително помалку! Николоски најави нов систем на наплата, кој првично ќе се применува на автопатот Кичево – Охрид.

Електронска наплата на патарините, без физичко запирање на возилата на наплатните рампи и со пресметување на цената според изминатите километри. Ова е новиот модел што го разгледува Министерството за транспорт, а кој, доколку биде реализиран, би можел значително да го промени начинот на користење на автопатите во Македонија.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, најави дека во изработката на законското решение ќе биде вклучена и експертиза од Европската транспортна заедница, со цел да се искористат искуствата на поразвиените европски држави.
Николоски информираше дека за оваа тема разговарал и со новиот претседател на Европската транспортна заедница, кој престојувал во Скопје, а очекува законското решение да биде презентирано во текот на декември.
„Нашата идеја е да се наплаќа од километар, што ќе биде многу поправедно од ова сега. Сега теоретски, ако тргнете од Демир Капија и одите во Гевгелија, плаќате 100 денари на наплатната кај Смоквица, а ако тргнете од Скопје кон Гевгелија, на истата наплатна повторно плаќате 100 денари. Тоа за жителите од Демир Капија е нечесно и неправедно“, изјави Николоски.
Според него, новиот систем би овозможил поправедна и поевтина наплата, побрз проток на сообраќајот, поголема безбедност и намалување на ризикот од сообраќајни незгоди. Првично, електронскиот систем би се применил на автопатот Кичево – Охрид, чие целосно пуштање во употреба Николоски го очекува во мај. Во следните неколку недели треба да биде пуштен и најтешкиот дел од трасата, со четири галерии, повеќе мостови и вијадукти, како и најдолгите тунели.
Потоа, ваквиот модел на наплата би се проширил и на другите автопатски делници што се градат, меѓу кои Прилеп – Битола, Букојчани – Гостивар, Гостивар – Тетово и Кичево – Букојчани. Дали ова ќе значи и дефинитивен крај на долгите колони пред патарините, останува да се види по усвојувањето на законското решение.

