ИНТЕНЗИВНО БАРАМЕ РЕШЕНИЕ ЗА ЗДРАВСТВЕНОТО ОСИГУРУВАЊЕ НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО МВР Проблемот е во автоматизираниот систем

Проблемот настанал по дополнителното пријавување вработени во МВР за претходен период врз основа на судски одлуки, а веќе е формирана меѓуинституционална работна група за изнаоѓање трајно решение.

ИНТЕНЗИВНО БАРАМЕ РЕШЕНИЕ ЗА ЗДРАВСТВЕНОТО ОСИГУРУВАЊЕ НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО МВР Проблемот е во автоматизираниот систем
Фото: Принтскрин

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) информира дека интензивно работи на надминување на проблемот со здравственото осигурување на вработените во Министерството за внатрешни работи, нагласувајќи дека целта е да се обезбеди непрекинато остварување на здравствените права и да се спречи повторување на ваквите ситуации.

Од Фондот појаснуваат дека статусот на здравственото осигурување се утврдува преку автоматизиран систем, врз основа на податоците за пријавите и уплатените придонеси што електронски ги преземаат од Управата за јавни приходи (УЈП).

Оттаму категорично нагласуваат дека не вршат рачно исклучување на осигурениците, ниту донесуваат поединечни одлуки за прекинување на нивното осигурување. Станува збор за системски механизам кој подеднакво се применува за сите правни субјекти, вклучително и за државните институции.

Според објаснувањето на ФЗО, актуелната состојба е поврзана со дополнително пријавување вработени за претходен период врз основа на судски одлуки. Поради тоа, потребно е соодветно усогласување на пресметките и уплатата на придонесите, што предизвикало проблеми во утврдувањето на статусот на здравственото осигурување.

Од Фондот посочуваат дека и самата институција во минатото се соочила со слична состојба, поради што нагласуваат дека не станува збор за постапка насочена конкретно кон МВР или кон одредена категорија вработени.

На иницијатива на Фондот веќе е формирана меѓуинституционална работна група во која учествуваат претставници на надлежните институции.  Досега се одржани неколку работни состаноци на кои се разгледуваат конкретни можности за надминување на причините што доведуваат до вакви состојби. Покрај решавањето на актуелниот проблем со вработените во МВР, целта е воспоставување долгорочен системски механизам кој ќе спречи повторување на слични ситуации.

Од Фондот признаваат дека ваквата состојба предизвикува оправдана загриженост кај вработените во МВР и нивните семејства, поради што уверуваат дека се работи на што побрзо решение.

„Нашата заложба е насочена не само кон решавање на моменталниот проблем, туку и кон воспоставување долгорочен механизам што ќе обезбеди поголема сигурност и континуитет во остварувањето на правата од здравственото осигурување“, наведуваат од ФЗО.

Оттаму очекуваат интензивната соработка меѓу надлежните институции во најкраток можен рок да резултира со конкретно и одржливо решение, а јавноста ќе биде информирана за понатамошните активности.

CATEGORIES
Share This