САМО 37 ОТСТО ИМ ВЕРУВААТ НА ВЕСТИТЕ Сиљановска предупреди на опасниот парадокс на дигиталното време
Претседателката на 20. Форум на медиумите од Југоисточна Европа во Скопје предупреди на падот на довербата во вестите, предизвиците од вештачката интелигенција и потребата од независно, професионално и безбедно новинарство.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати силна порака за независноста и одговорноста на медиумите, истакнувајќи дека новинарството не смее да биде ниту продолжена рака на власта, ниту нејзин однапред утврден противник, туку независен чувар на јавниот интерес.
Ова го истакна во воведното обраќање на 20. Форум на медиумите од Југоисточна Европа (SEEMF), кој вчера се одржа во Скопје, на тема „Поблиски во регионот, посилни во Европа: Улогата на комуникациите и медиумите во зајакнувањето на имиџот, отпорноста и безбедноста на Европа“.
На почетокот од обраќањето, Сиљановска-Давкова ѝ оддаде признание на новинарската професија, оценувајќи ја како почитувана и храбра фела, подготвена да ги брани етичките принципи и вредности дури и по цена на сопствената слобода и живот.
Според неа, новинарите не се обични хроничари на времето, туку важен човечки столб на демократскиот поредок и незаменливи креатори на res publica – јавниот интерес и заедничките работи. Потсетувајќи дека политиката по својата природа е дијалог, а не монолог, претседателката нагласи дека медиумите не се само посредници меѓу власта и граѓаните, туку активни учесници во обликувањето на јавната свест, политичката перцепција и распределбата на општествената моќ.
Таа посочи дека слободниот печат е еден од најважните демократски фактори, бидејќи овозможува информирано граѓанство, критичка јавност и постојана контрола врз носителите на власта. Во таа смисла, независноста на новинарството ја оцени како неопходен услов за функционирање на демократското општество.
Осврнувајќи се на дигиталната трансформација, видеократијата и сè поголемата употреба на вештачката интелигенција, Сиљановска-Давкова предупреди дека поголемата достапност на информации не значи автоматски и поголема доверба во нив.
Повикувајќи се на истражувањето на Институтот Ројтерс за 2026 година, според кое довербата во вестите изнесува 37 проценти, таа го посочи парадоксот на современото општество: никогаш немало толку многу информации, а истовремено довербата во нив е толку ниска.
Претседателката ја истакна и човечката димензија на новинарската професија, нагласувајќи дека медиумската слобода не подразбира само право на изразување, туку и безбедност, достоинство, професионална автономија и економска независност на новинарите.
Во завршниот дел од обраќањето, Сиљановска-Давкова направи разлика меѓу технолошкиот напредок и професионалните стандарди на новинарството. Таа порача дека брзината е технолошка предност, но точноста останува професионална обврска, бидејќи новинарите се истовремено сведоци, толкувачи и чувари на јавната меморија. Општеството што не ја чува вистината за своето време, предупреди претседателката, ризикува да ја изгуби и способноста да ја обликува сопствената иднина.

