РАМА ГО СМЕНИ СТАВОТ ЗА БУГАРИЈА Сега смета дека Бугарите треба да бидат внесени во македонскиот Устав

Албанскиот премиер во интервју за бугарската БНТ порача дека внесувањето на Бугарите во Уставот на Македонија е јасна обврска што произлегува од договорот постигнат со француско посредништво.

РАМА ГО СМЕНИ СТАВОТ ЗА БУГАРИЈА Сега смета дека Бугарите треба да бидат внесени во македонскиот Устав
Фото: Принтскрин

Албанскиот премиер Еди Рама отворено застана зад бугарското барање за внесување на Бугарите во Уставот на Македонија, оценувајќи дека за ова прашање веќе нема причина за несогласувања меѓу Скопје и Софија. Во интервју за Бугарската национална телевизија (БНТ), Рама изјави дека смета оти бугарското малцинство треба да биде внесено во македонскиот Устав, повикувајќи се на договорот меѓу Македонија и Бугарија, постигнат со француско посредништво.

Неговата изјава доаѓа како одговор на прашање од бугарскиот новинар дали и натаму има несогласувања со бугарското раководство, имајќи предвид дека пред три години Рама не се согласувал целосно со позициите на Софија. Албанскиот премиер одговори дека тогаш околностите биле поинакви и дека денес не гледа причина за спор.

„Не. Не, бидејќи тогаш, како што се сеќавате, стануваше збор за ситуацијата пред таканаречениот договор меѓу Бугарија и Северна Македонија, постигнат со француско посредништво. Сметам дека сега нема причина за несогласување, бидејќи потребата бугарското малцинство да биде внесено во Уставот на Северна Македонија е сосема јасна. Тоа произлезе од договорот меѓу двете земји“, изјави Рама.

Со оваа изјава, Рама практично ја поддржа позицијата на Софија во спорот со Скопје, повикувајќи се на договорената рамка со која уставните измени се поставени како услов за продолжување на евроинтегративниот процес на Македонија. Неговото интервју за бугарската национална телевизија повторно го отвора прашањето за притисоците врз Македонија и улогата на соседните држави во спорот околу уставните измени.

CATEGORIES
Share This