ПРЕДЛОГ НА САД ДО УКРАИНА Донбас за членство во НАТО, Зеленски откри што било понудено на преговорите
Американските преговарачи, според Зеленски, за првпат го отвориле прашањето дали Украина би се повлекла од Донбас во замена за членство во НАТО.

Американските преговарачи на неодамнешните мировни разговори со Русија и Украина во Абу Даби го отвориле прашањето дали Киев би бил подготвен да се откаже од источниот регион Донбас во замена за членство во НАТО, откри украинскиот претседател Володимир Зеленски, пренесуваат украинските медиуми повикувајќи се на неговиот кабинет.
Зеленски нагласи дека Украина не е подготвена да се откаже од својата територија, но потврди дека за време на разговорите американската страна за првпат директно ја поставила можноста за ваква размена.
„Американците го поставија прашањето: ‘Што ако Украина се приклучи кон НАТО? Дали Украина ќе се повлече од Донбас?’ Тоа беше првпат да се постави тоа прашање“, изјави Зеленски пред новинарите во петокот, а изјавата беше објавена во саботата.
Украинскиот претседател оцени дека со ова прашање членството на Украина во НАТО повторно се враќа во центарот на дипломатските разговори, иако предупреди дека ставовите на рускиот претседател Владимир Путин го прават процесот исклучително тежок. Зеленски порача дека нема намера самостојно да донесе одлука за евентуално територијално отстапување. Сепак, остави можност прашањето да биде ставено на референдум доколку Украина добие сеопфатен пакет безбедносни гаранции.
Според него, таквиот пакет би требало да вклучува конкретни безбедносни гаранции од НАТО и Европската Унија, силна и соодветно финансирана украинска армија, како и обезбедени средства за реконструкција на земјата.
„Доколку западните земји го потврдат тоа, тогаш ќе го прашам украинското општество што мисли: дали го прифаќаме или не? Немам право самиот да донесам таква одлука“, истакна украинскиот претседател.
Украинскиот претседател нагласи дека Европската Унија и НАТО претставуваат единствена вистинска безбедносна рамка за европскиот континент. Тој предупреди дека обидите на Кремљ за промена на постојната безбедносна архитектура на Европа се опасни и можат да предизвикаат нови конфликти и ескалации.
„Опасно е затоа што, според мене, токму ваквите работи водат до војни или ескалации. Вистинската безбедност за Европа се ЕУ и НАТО. Тоа е сè. Нема друга безбедност за Европа“, изјави Зеленски.
Инаку, мировните разговори во Абу Даби, одржани на 10 и 11 ноември, завршија без постигнување договор за прекин на огнот, а прашањето за идниот статус на Донбас останува една од најтешките пречки за постигнување мировно решение.

