ЛУКСЕМБУРГ БАРА РАБОТНИЦИ ОД СТРАНСТВО Плати од над 7.000 евра месечно и олеснето вработување за 20 професии

Поедноставено е вработувањето странски државјани во 20 дефицитарни професии, а потребната потврда за работодавачите се издава за пет работни дена.

ЛУКСЕМБУРГ БАРА РАБОТНИЦИ ОД СТРАНСТВО Плати од над 7.000 евра месечно и олеснето вработување за 20 професии
Фото: Принтскрин

Една од најбогатите земји во Европа, Луксембург, се соочува со недостиг на квалификувана работна сила и ги отвора вратите за странски работници. Властите ја поедноставија постапката за ангажирање кадар од земји надвор од Европската Унија во 20 дефицитарни професии, во кои работодавачите тешко наоѓаат соодветни кандидати.

Привлечноста на оваа земја е и во високите заработки. Според најновите податоци на Евростат, просечната годишна бруто-плата во Луксембург во 2025 година изнесувала 85.600 евра, односно околу 7.133 евра месечно. Со тоа земјата е на првото место во ЕУ, пред Данска со 73.500 и Ирска со 64.400 евра. Просекот во Унијата е 41.500 евра годишно.

Според листата на луксембуршката Агенција за вработување (ADEM), најголем недостиг има во неколку сектори:

  • Финансии и банкарство: финансиски аналитичари, банкарски советници, ревизори и експерти за кредитен ризик.

  • ИТ-сектор: програмери, администратори на системи и специјалисти за техничка поддршка.

  • Здравство и социјална заштита: медицински сестри, техничари, негуватели и социјални работници.

  • Градежништво и индустрија: инженери, индустриски механичари, покривачи и специјалисти за одржување опрема.

За работните места на листата на дефицитарни занимања, работодавачите можат да ја добијат потребната потврда од надлежната агенција во рок од само пет работни дена. Сепак, ова не значи автоматско добивање работна и престојна дозвола. Странските државјани и понатаму мора да ги исполнат законските услови и да ги поминат потребните процедури.

И покрај атрактивните заработки, животот во Луксембург е скап, особено кога станува збор за домувањето. Според студија на Министерството за домување, месечната кирија за повеќе од половина од анализираните станови се движи меѓу 1.000 и 1.750 евра, додека за одредени имоти надминува и 2.000 евра.

Затоа, високите плати и можностите за вработување се голема предност, но оние што планираат да се преселат треба внимателно да ги пресметаат и трошоците за живот.

CATEGORIES
Share This