БРИСЕЛ ИСПРАЌА ПОРАКА НА ОХРАБРУВАЊЕ Евроинтегративниот пат не е затворен
Средбата во Скопје доаѓа во чувствителен период за македонските евроинтеграции, кои се соочуваат со застој поради внатрешни и билатерални прашања.

Високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, изрази уверување дека постои простор за надминување на пречките кои го забавуваат евроинтегративниот процес на Северна Македонија.
По денешната средба со премиерот Христијан Мицкоски во Владата, Калас изјави дека двете страни разговарале за можни механизми со кои би се овозможил напредок.
„Јасно е дека сакаме Северна Македонија навистина да се придвижи по патот кон ЕУ. Знаеме дека има пречки и денеска дискутиравме за да изнајдеме механизми со кои тие би се надминале. Премиерот може подобро да ги објасни неговите идеи, но сметам дека има простор каде што можеме да направиме нешто“, рече Калас на заедничката прес-конференција со Мицкоски, додавајќи дека нема да навлегува во детали додека не се постигне конкретен напредок.
На новинарско прашање дали ЕУ има план Б за членството на Северна Македонија, слично како во случајот со Украина, Калас одговори дека фокусот и натаму останува на планот А.
„Се фокусираме на план А и се обидуваме тој да профункционира. Сѐ уште се надеваме на негов успех, а доколку тоа не се случи, тогаш ќе преминеме кон следната фаза“, рече високата претставничка на ЕУ.
Средбата во Скопје доаѓа во чувствителен период за македонските евроинтеграции, кои се соочуваат со застој поради внатрешни и билатерални прашања.


