ПОРАКА ДО БРИСЕЛ ОД МИЦКОСКИ Проширувањето е геостратешки императив, Македонија бара кредибилна перспектива
Премиерот учествуваше на Форумот за проширување на ЕУ во Брисел, каде заедно со Марта Кос го проследи обраќањето на Урсула фон дер Лајен.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на Форумот за проширување на Европската Унија – EU Enlargement Forum 2026, кој се одржува во Брисел, при што оцени дека проширувањето на Унијата не е само политичко прашање, туку геостратешки императив за мирот, стабилноста и безбедноста на европскиот континент.
Мицкоски преку објава на Фејсбук информираше дека заедно со еврокомесарката за проширување Марта Кос го проследил обраќањето на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со кое беше отворен Форумот.
Според премиерот, Европската Унија треба да го забрза процесот на проширување, но притоа да ги задржи принципите на заслуги и постигнати резултати.
„Проширувањето на Европската Унија претставува геостратешки императив и долгорочна инвестиција во мирот, стабилноста и безбедноста на европскиот континент. Овој процес мора да остане заснован врз постигнатите резултати, но истовремено да биде подинамичен, праведен и предвидлив“, порача Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека членството во Европската Унија останува стратешка определба на државата и долгорочен национален интерес. Тој посочи дека посветеноста на реформите, заштитата на националните интереси и исполнувањето на европските стандарди мора да бидат проследени со јасна и кредибилна европска перспектива.
Со пораката од Брисел, премиерот повторно го отвори прашањето за потребата од предвидлив процес на проширување, во кој напредокот на земјите кандидати ќе биде вреднуван според исполнетите критериуми и реално постигнатите резултати.

