ШОКАНТНИ ТВРДЕЊА НА СЕМЕЈСТВОТО НА САРА Осомничениот е на слобода, исчезнал записникот, се вршел притисок врз лекарите

Сара наводно се освестила на задното седиште од автомобилот и ги слушнала разговорите за нејзиното сокривање.

ШОКАНТНИ ТВРДЕЊА НА СЕМЕЈСТВОТО НА САРА Осомничениот е на слобода, исчезнал записникот, се вршел притисок врз лекарите
Фото: Принтскрин

Нови вознемирувачки детали за бруталниот напад врз Сара во Охрид. Според информациите што семејството, Сара во единствената изјава дадена пред полициските инспектори раскажала дека се освестила на задното седиште од автомобилот и ги слушнала разговорите на осомничениот Кристијан со неговиот татко, во кои наводно разговарале како да го сокријат нејзиното тело, бидејќи мислеле дека е мртва.

Според семејството, девојката успеала да му го земе телефонот на осомничениот и побарала помош од неговиот татко, молејќи го да ја однесат во болница. Наместо помош, тој наводно ѝ одговорил дека може само да ја убие. Дополнителна вознемиреност предизвикува фактот што, според нејзината мајка, осомничениот бил пуштен на слобода, додека Сара сè уште се лекува во болница и стравува за сопствената безбедност.

Мајката на повредената девојка се огласи на социјалните мрежи, изразувајќи револт поради тоа што, како што наведува, осомничениот е на слобода и покрај сериозноста на настанот. Таа тврди дека Кристијан, мислејќи дека Сара е мртва, стапил во контакт со својот татко и барал помош како да се ослободи од нејзиното тело. Во статусот пренесува и наводни зборови што Сара ги слушнала додека била во бессознание:

„Собери ги сите познаници, да го прикриеме нештово и да се ослободиме од оваа, дали да ја фрлам во некоја провалија?“

Мајката наведува и дека телефонот на Сара бил намерно искршен, дека лицата од опкружувањето на осомничениот одбивале да ја однесат во болница, иако таа барала помош, како и дека Кристијан наводно побарал нож за да ја „докрајчи“. Таа изнесува и сериозни обвинувања за наводен обид да се влијае врз медицинскиот извештај за повредите на нејзината ќерка, преку контакт со болницата од страна на тетката на осомничениот.

„До кога ќе дозволуваме некој да мисли дека може да прави што сака, да избегнува одговорност и да се чувствува недопирлив само затоа што зад себе има партиски врски, моќни родители и познанства?“, прашува мајката.

Особено сериозни се и тврдењата на семејството дека изјавата што Сара ја дала пред полициските инспектори била внесена во записник, прочитана пред неа и потпишана, но дека сега тој документ не може да се пронајде во документацијата. Според информациите што семејството, двајца инспектори вчера вечерта дошле во болницата „Св. Еразмо“, каде што е хоспитализирана Сара, но наместо разговор со девојката, разговарале со лекарот.

Четири до пет часа подоцна, семејството добило информација дека врз лекарите наводно бил вршен притисок за промена на медицинскиот извештај за повредите на Сара.

Дополнителен револт кај семејството предизвикало и постапувањето кон таткото на Сара. Според нивните информации, тој од вчера напладне до денеска во 10 часот бил во полициска станица во Охрид, каде што бил повикан на информативен разговор по пријава од мајката на Кристијан Корубовски, која тврдела дека ѝ се заканувал.

Семејството тврди дека таткото бил задржан во полициската станица и дека не му било дозволено да контактира со блиските. Тие реагираат дека додека осомничениот за нападот е на слобода, жртвата сè уште се наоѓа во болница, стравува за својата безбедност, а нејзиното семејство се соочува со дополнителен полициски и институционален притисок.

БРУТАЛЕН НАПАД ВО ОХРИД Девојка претепана до бесвест и оставена на улица, уапсен 31-годишник

CATEGORIES
Share This