ХАКЕРИ ПОВТОРНО ОБЈАВИЈА 7,2 МИЛИОНИ ЛОЗИНКИ ЗА РУСИ Податоците биле украдени уште во 2013 година

Старата база од рускиот форум YouHack содржи милиони комбинации на адреси и лозинки, како и податоци за повеќе од 107.000 членови.

ХАКЕРИ ПОВТОРНО ОБЈАВИЈА 7,2 МИЛИОНИ ЛОЗИНКИ ЗА РУСИ Податоците биле украдени уште во 2013 година
Фото: Принтскрин

Голема база на украдени податоци од хакерскиот форум YouHack, која датира од 2013 година, повторно се појави на јавниот интернет. Во неа се наоѓаат околу 7,2 милиони адреси на е-пошта и придружни лозинки, а дел од податоците се објавени и на платформата Have I Been Pwned? (HIBP).  Станува збор за информации украдени пред речиси 13 години, кога непознати напаѓачи извршиле упад во YouHack – озлогласен хакерски форум на руски јазик.

Have I Been Pwned? е бесплатна интернет-услуга преку која корисниците можат да проверат дали нивната адреса на е-пошта или телефонски број се појавиле во некој познат безбедносен пробив. Новододадената база содржи речиси 7,2 милиони парови од адреси на е-пошта и лозинки, поврзани со различни жртви чии податоци биле објавени на форумот.

Архивата содржи и адреси на е-пошта, кориснички имиња, IP-адреси и лозинки на околу 107.000 членови на YouHack. Лозинките биле зачувани со MD5 хеширање, но, како што предупредуваат од HIBP, повеќето не биле дополнително заштитени со таканаречено „солење“ (salting), што ја олеснува нивната компромитација. Иако старите IP-адреси и кориснички имиња на хакерите денес веројатно немаат голема практична вредност, лозинките се многу посериозен проблем.

Дури и податоци украдени пред повеќе од една деценија можат да претставуваат ризик доколку корисниците продолжиле да ги користат истите или слични лозинки на други интернет-услуги. Токму затоа повторното појавување на вакви архиви не е само прашање на историја на сајбер-криминалот. Комбинациите од е-пошта и лозинки можат да бидат искористени за обиди за пристап до други кориснички сметки.

Според порталот The Register, ова не е првпат архивата од YouHack да се појави на јавниот интернет.

Уште во 2024 година, делови од оваа архива биле вклучени во масовното протекување познато како „Мајката на сите пробиви“ (Mother of All Breaches). Тогаш беа откриени околу 26 милијарди записи, со вкупна големина од приближно 12 терабајти. Стануваше збор за огромна збирка составена од податоци од бројни одделни безбедносни пробиви, меѓу кои и информации украдени од форумот YouHack.

Истовремено, се појавија информации за уште еден сериозен инцидент поврзан со Русија – упад во програмата за лојалност SberSpasibo на руската Сбербанк. Според објавените информации, компромитирани биле податоци за околу 48 милиони корисници. Базата содржи 3,3 милиони уникатни адреси на е-пошта, телефонски броеви и датуми на раѓање.

Изложени биле и голем број броеви на банкарски картички. Тие биле зачувани како SHA-1 хешеви без дополнително „солење“, што, според извештајот, создало можност за нивно откривање. Нападот врз програмата SberSpasibo, според објавените информации, се случил во периодот од април 2017 до февруари 2022 година. Одговорноста ја презела проукраинска хактивистичка група која се претставува под името NLB. Истата група презела одговорност и за напад врз „Алфа-банка“, најголемата приватна банка во Русија.

Иако не може со сигурност да се утврди дека најновите протекувања се директно поврзани со војната меѓу Русија и Украина, тие се вклопуваат во поширокиот контекст на сајбер-конфликтот што се одвива паралелно со воените операции.

Од почетокот на целосната руска инвазија врз Украина, двете страни разменуваат сајбер-напади, насочени кон институции, компании, финансиски системи и критична инфраструктура. Еден од најпознатите случаи е рускиот напад врз сателитската комуникациска мрежа „Виасат“ во февруари 2022 година. Нападот предизвика прекин на илјадници комуникациски врски во Украина и низ Европа.

Најновите случаи уште еднаш покажуваат дека украдените податоци можат да останат достапни и со години по првичниот напад, а нивното повторно објавување да создаде нови безбедносни ризици.

CATEGORIES
Share This