ЕЛЕКТРОНСКИ АЛКИ ЗА НАСИЛНИЦИТЕ Владата предлага нов закон за побрза заштита на жртвите од семејно насилство
Тошковски изрази очекување Собранието да го усвои законот во најкраток можен рок, нагласувајќи дека ниту една законска измена сама по себе не може целосно да го искорени семејното насилство, но може да обезбеди побрза и поефикасна реакција на институциите.

Министерството за внатрешни работи поднесе ново законско решение за спречување и заштита од семејно насилство, со кое се предвидува можност за употреба на електронски алки за следење на насилниците.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за Сител истакна дека законот е подготвуван повеќе од шест месеци, во соработка со институции, експерти, обвинители, судии и невладини организации.
Според него, новите законски измени треба да овозможат побрза полициска интервенција, подобра процена на ризикот и поефикасна институционална заштита на жртвите.
Тошковски информираше дека бројот на кривични постапки поврзани со семејно насилство годинава е зголемен за околу 50 проценти, додека изречените мерки притвор бележат раст од 270 проценти. Во текот на 2026 година, 163 лица биле или се наоѓаат во притвор за кривични дела поврзани со семејно насилство.
Министерот смета дека зголемениот број пријави делумно се должи на поголемата охрабреност на жртвите да го пријавуваат насилството, но и на промените во законодавството и подобреното полициско постапување.
Тој најави дека средствата од сообраќајните казни би можеле да се искористат и за набавка и примена на електронските алки, со цел дополнително да се зајакне заштитата на жртвите.
Тошковски изрази очекување Собранието да го усвои законот во најкраток можен рок, нагласувајќи дека ниту една законска измена сама по себе не може целосно да го искорени семејното насилство, но може да обезбеди побрза и поефикасна реакција на институциите.

