ПО ПАДОТ НА ВУЧИЌ СЕ ТРЕСЕ СРБИЈА Уапсени над 90 лица, на удар полицајци, банкари и високи функционери
По изборниот пораз на листата предводена од Вучиќ, започнаа истраги против високи полициски службеници, банкари и раководители на државни институции.

Србија се соочува со невиден бран апсења по изборниот пораз на Српската напредна партија (СНС), која по 14 години ја загуби власта. За само две недели по парламентарните избори, уапсени се повеќе од 90 лица, меѓу кои високи полициски функционери, сопственик на банка, раководители на државни институции и локални функционери. Истрагите опфаќаат сомневања за корупција, злоупотреба на службената положба, перење пари и незаконско располагање со јавни средства.
Бранот апсења следува по изборната победа на студентската листа, која освои 140 пратенички мандати, додека листата на СНС, предводена од Александар Вучиќ, освои 103 мандати. Со тоа заврши 14-годишното владеење на напредњаците, а земјата влезе во период на сериозни политички и институционални промени.
Особено внимание предизвикаа апсењата во полицискиот систем. Меѓу приведените се началникот на Дирекцијата за криминалистичка полиција, Марко Кричак, началникот на Службата за сузбивање на криминалот, Бошко Секулиќ, како и командантот на Специјалната антитерористичка единица, Игор Жмириќ. Во повеќе полициски акции приведени се и други припадници на безбедносните структури.
Дел од истрагите се однесуваат на постапувањето на полицијата кон студентите за време на антивладините протести. Одредени службени лица се осомничени за злоупотреба на овластувањата, а повторно се отвораат и случаи кои претходно предизвикаа големо незадоволство во јавноста.
Еден од најголемите случаи се однесува на сопственикот на Алта банка, Давор Мацура, кој беше уапсен заедно со свои соработници под сомнение за незаконско повлекување на речиси 380 милиони евра од трезорот на банката. По настаните, на банката ѝ беше одземена лиценцата за работа, а беше покрената и стечајна постапка.
Случајот предизвика големо внимание поради висината на сумата и сомневањата за незаконско располагање со огромни финансиски средства. Истрагите не се ограничени само на полицијата и финансискиот сектор. Под лупа на надлежните органи се најдоа и лица од државната и локалната администрација.
Меѓу уапсените се покраинскиот секретар за социјална политика Предраг Вулетиќ, директорот на Републичкиот хидрометеоролошки завод Југослав Николиќ и управникот на затворот Забела, Родољуб Рончевиќ. Случаите се однесуваат на различни сомневања за незаконско работење и злоупотреба на службените овластувања.
Едно од клучните прашања што се отвора по масовните апсења е зошто овие случаи не биле процесуирани многу порано. Горан Илиќ, професор на Правниот факултет во Белград, предупреди дека обвинителствата и судовите и претходно имале законски овластувања да постапуваат, но дека сега е најважно да се види дали започнатите предмети навистина ќе добијат судски епилог или повторно ќе завршат во фиока.
Слични ставови изнесуваат и други правни експерти, кои забележуваат промена во односот на институциите кон случаите што со години биле без конкретна разрешница. Истовремено, се појавуваат предупредувања дека дел од службените лица би можеле да се обидат да се прилагодат на новите политички околности, со цел да ги зачуваат своите позиции. Оттука, останува дилемата дали станува збор за вистинска институционална пресметка со корупцијата или за обид на поединци да се позиционираат поблиску до новата власт.
Претставниците на студентската листа, која победи на изборите, меѓу главните приоритети ги најавија борбата против корупцијата, деполитизацијата на државните институции и утврдувањето одговорност за случаите кои со години предизвикуваат незадоволство кај граѓаните. Новата влада сè уште формално не ги презела сите државни институции. Конститутивната седница на Собранието беше најавена за 17 ноември, по што треба да следува постапката за формирање нова влада.
Следните месеци ќе покажат дали бранот апсења ќе резултира со конкретни обвиненија, судски пресуди и суштински промени во функционирањето на институциите. Едно е сигурно по 14 години владеење на СНС, Србија влезе во период на големи политички и институционални потреси.

