ПО ЧАИР, СЕГА И ПРИЛЕП Цариниците запленија нови 168 килограми нелегален тутун
Против шест лица се поведени постапки, а ова е втора голема акција на Царинската управа за краток период, по заплената на 135 килограми тутун во Чаир.

Царинската управа продолжува со акциите против нелегалната продажба на тутун. При најновата контрола на зелениот пазар и градскиот плоштад во Прилеп, царинските службеници заплениле дури 168,7 килограми режан тутун без акцизни маркички, а биле затекнати шест лица кои нелегално го продавале.
Во акцијата учествувале царински службеници од Царинарницата Битола и мобилни тимови од Одделението за оперативни работи, со асистенција на полициски службеници. Со нелегалната продажба на тутунот било избегнато плаќање акциза во износ од 463.787 денари, со што бил оштетен државниот буџет.
Од Царинската управа информираат дека против шесте лица се поведени соодветни постапки пред надлежниот суд и Комисијата за прекршоци поради продажба на тутун без задолжителните акцизни маркички.
Ова е втора акција на Царинската управа во краток временски период насочена кон сузбивање на нелегалната трговија со режан тутун. Претходно, при контрола на пазарот во скопски Чаир, беа запленети дополнителни 135 килограми режан тутун.
Со двете акции, вкупната количина запленет нелегален тутун достигнува 303,7 килограми, што укажува на засилени контроли против нелегалната продажба на акцизни производи.

