596 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ВО СЛУЧАЈОТ „ЛОТАРИЈА Вештакот ја потврди сумата, одбраната веднаш приговори
Економската вештачка д-р Анита Поповска остана на својот наод за набавката на видео-лотариски терминали. Адвокатот на одбраната тврди дека дел од прашањата ги надминувале рамките на наредбата за вештачење.
Со сослушување на економско вешто лице д-р Анита Поповска, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за случајот „Државна лотарија“, во кој меѓу обвинетите се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на Државна лотарија Перпарим Бајрами. Поповска пред судот потврди дека целосно останува на изготвениот вешт наод и мислење, кое се однесува на постапката за набавка на видео-лотариски терминали за приредување игри на среќа.
Во вештачењето биле анализирани планирањето на набавката, донесувањето одлуки, понудите од економските оператори, склучувањето рамковни спогодби, реализацијата на договорите, испораката на опремата и извршените плаќања. Еден од клучните моменти во нејзиното сведочење беше потврдата дека вкупниот исплатен износ за набавката изнесува 596.125.511 денари.
Вештачката посочи дека третиот економски оператор бил избран во постапката за јавна набавка, но во документацијата со која располагала не биле утврдени склучени поединечни договори, испорака на опрема, фактурирање или плаќање кон тој оператор.
По завршувањето на рочиштето, адвокатот Асмир Алиспахиќ, кој ја застапува одбраната, реагираше на начинот на кој биле поставувани дел од прашањата до вештото лице. Според него, прашањата излегувале надвор од содржината на вештачењето и од наредбата врз основа на која било изработено. Алиспахиќ посочи дека одбраната поднела приговори, бидејќи смета дека со таквите прашања се отвораат прашања што би требало да бидат предмет на посебно вештачење.
Тој нагласи дека според ставот на одбраната, постапката за јавната набавка и исплатата на средствата се во ред, но конечната оценка за значењето на вештачењето и евентуалната штета за обвинетите ќе се утврдува во понатамошниот тек на судската постапка.
Во однос на отсуството на актуелниот директор на Државна лотарија, адвокатот објасни дека денешното рочиште било посветено на испитувањето на економската вештачка, додека за следните расправи и евентуалното негово сослушување јавноста дополнително ќе биде информирана.
Покрај Артан Груби и Перпарим Бајрами, во случајот „Државна лотарија“ се обвинети и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски. Според обвинението, осумтемина со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари, односно речиси 9,7 милиони евра.
Сите обвинети досега се изјасниле дека не се чувствуваат виновни. Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судењето го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.

