СÈ ПОМАЛКУ СЕ КУПУВААТ СТАНОВИ, А СÈ ПОВЕЌЕ СЕ ИЗНАЈМУВААТ Во Карпош квадрат достигна 3.121 евро

Бројот на продадени станови во третото тримесечје е намален за 14 проценти, додека бројот на станови дадени под закуп пораснал за дури 45 проценти.

СÈ ПОМАЛКУ СЕ КУПУВААТ СТАНОВИ, А СÈ ПОВЕЌЕ СЕ ИЗНАЈМУВААТ Во Карпош квадрат достигна 3.121 евро
Фото: Принтскрин

Пазарот на недвижности во Македонија бележи намалена активност кај купопродажбата на станови, но истовремено значителен раст на издавањето под закуп. Најновите податоци на Агенцијата за катастар на недвижности за третото тримесечје од 2026 година покажуваат дека бројот на продадени станови е намален за 14 проценти, додека бројот на станови дадени под закуп пораснал за дури 45 проценти во споредба со претходниот квартал.

Според Извештајот на Катастарот, во периодот од јули до септември биле регистрирани вкупно 7.679 трансакции со недвижности, што претставува намалување од 8,2 проценти во однос на второто тримесечје. Најизразен пад е забележан кај купопродажбите, чиј број се намалил за 12,1 процент. Наспроти тоа, бројот на склучени договори за закуп бележи раст од 2,8 проценти.

Најголем број купопродажни трансакции во третото тримесечје се регистрирани во скопската општина Центар вкупно 562, што е за два процента помалку во споредба со претходниот квартал. Намалување е забележано и кај вкупната финансиска вредност на трансакциите. Таа во третото тримесечје изнесувала 339 милиони евра, односно 3,6 проценти помалку во споредба со второто тримесечје.

Од вкупната сума, 337,8 милиони евра се однесуваат на купопродажби на недвижности, додека регистрираната вредност на закупите изнесувала 1,1 милион евра. Кај купопродажбите финансиската вредност е намалена за 3,6 проценти, додека кај закупите е регистриран пад од 10,2 проценти.

Особено внимание привлекуваат податоците за цените на становите. Највисоката регистрирана цена во третото тримесечје изнесувала 3.121 евро за квадратен метар и е постигната во општина Карпош. Станот имал површина од 41 квадратен метар, а бил продаден за вкупно 128.000 евра.

Висока цена е регистрирана и кај продажбата на станови од инвеститори. Најскапиот таков стан бил со површина од 63 квадратни метри, а купувачот за него платил околу 200.000 евра.

За разлика од продажбата, пазарот на закуп на станови бележи значително зголемување на активноста. Бројот на закупени станови во третото тримесечје пораснал за 45 проценти, додека вкупната месечна закупнина се зголемила за 31 процент во однос на претходниот квартал. Сепак, на ниво на сите видови недвижности, Катастарот регистрира намалување на вкупната финансиска вредност на закупите за 10,2 проценти.

Од Агенцијата за катастар на недвижности оценуваат дека двата сегмента на пазарот покажуваат различни движења – намалена активност кај купопродажбите и раст кај бројот на договори за закуп.

„Нашата оценка е дека пазарот покажува различни движења во двата сегмента – намалена активност кај купопродажбите и умерен раст кај закупите по бројот на договори, но намалување на вкупната месечна закупнина“, се наведува во Извештајот.

CATEGORIES
Share This