КОЈА Е ЖЕНАТА ШТО ТРАМП ЈА ИЗБРА ЗА НОВА АМБАСАДОРКА ВО МАКЕДОНИЈА Има искуство од Багдад и американските федерални институции

Белата куќа официјално ја достави номинацијата до американскиот Сенат на 9 ноември. Мекормик има речиси 12 години искуство во федерална институција, а работела и во американската амбасада во Багдад.

КОЈА Е ЖЕНАТА ШТО ТРАМП ЈА ИЗБРА ЗА НОВА АМБАСАДОРКА ВО МАКЕДОНИЈА Има искуство од Багдад и американските федерални институции
Фото: Принтскрин

Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја номинираше Кристи Мекормик од Калифорнија за нова американска амбасадорка во Македонија, на местото на Анџела Агелер, која ја извршуваше функцијата до јануари годинава.

Белата куќа соопшти дека номинацијата официјално е доставена до Сенатот на САД на 9 ноември 2026 година. Сепак, Мекормик сè уште треба да ја помине предвидената процедура за потврдување на амбасадорската функција.

Следуваат сослушување и гласање во Комитетот за надворешни работи на Сенатот, по што, доколку добие поддршка од Сенатот, ќе може да ја преземе функцијата американска амбасадорка во земјата.

Мекормик треба да ја наследи Анџела Агелер, која беше амбасадорка на САД од 8 ноември 2022 до 22 јануари 2026 година. По нејзиното заминување, функцијата вршителка на должноста амбасадор ја презеде Никол Варнс, која и натаму ја извршува оваа позиција.

Според нејзината официјална биографија, Мекормик има долгогодишно искуство во американските институции. Од декември 2014 до јули 2026 година била комесарка и претседателка на независната федерална Комисија за изборна помош на САД (EAC).

Во текот на речиси 12-годишниот ангажман учествувала во реконструкцијата на оваа институција, иницирала национални самити посветени на изборните податоци и пристапноста на гласањето, а лично набљудувала изборни процеси во речиси сите американски сојузни држави, како и во странство.

Мекормик има и дипломатско искуство од кризни подрачја. Во периодот од 2009 до 2010 година работела во Амбасадата на САД во Багдад, каде што била виш правен советник и вршителка на должност заменик-координатор за владеење на правото. За време на ангажманот во Ирак, како изборен експерт била непосредно вклучена во надгледувањето на националните избори и процесот на повторно пребројување на гласовите.

Претходно, од 1999 до 2006 година, извршувала правосудни и државни функции во сојузната држава Вирџинија. Номинацијата на Мекормик сега е во рацете на американскиот Сенат, кој треба да одлучи дали ќе ја потврди за нова амбасадорка на САД во Македонија.

CATEGORIES
Share This