ВОЗАЧИТЕ ПОВЕЌЕ НЕМА ДА ЗНААТ КАДЕ ГИ СЛЕДАТ КАМЕРИ – МВР подготвува нова контрола во движење

МВР планира камери што ќе ја мерат брзината додека полициските автомобили се во движење, како и мобилни уреди на најопасните сообраќајници.

ВОЗАЧИТЕ ПОВЕЌЕ НЕМА ДА ЗНААТ КАДЕ ГИ СЛЕДАТ КАМЕРИ – МВР подготвува нова контрола во движење
Фото: Принтскрин

Возачите во Македонија наскоро ќе мора да сметаат на можноста сообраќајниот прекршок да биде регистриран и без да поминат покрај фиксна камера. Министерството за внатрешни работи планира дополнително да ги зајакне контролите со опремување на полициските автомобили со камери и набавка на мобилни уреди за мерење на брзината.

Ова го најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, посочувајќи дека досегашните анализи покажале оти контролата на однапред утврдени локации не е доволна за постигнување на посакуваниот превентивен ефект.

Предлогот на експертите е постојните полициски возила да се опремат со камери кои ќе можат да ја регистрираат брзината на другите возила и додека полициските автомобили се движат. Дополнително, МВР планира набавка на мобилни камери кои ќе се поставуваат на таканаречените црни точки – сообраќајници на кои најчесто се случуваат несреќи со загинати и тешко повредени лица.

Тошковски најави дека ќе бидат идентификувани сите критични сообраќајни локации во државата, како во градските средини, така и на магистралните и експресните патишта.

Колкав е обемот на сообраќајните прекршоци што ги регистрира системот покажуваат и податоците на МВР. Во периодот од 2 февруари до 20 август 2026 година биле евидентирани вкупно 310.865 прекршоци, од кои дури 301.835 се однесувале на пречекорување на дозволената брзина. Во истиот период биле регистрирани и 180.378 прекршоци со возила со странски регистарски таблички, бројка што е дел од вкупниот биланс.

Само во мај биле евидентирани 28.494 прекршоци. Од нив, 27.360 биле за пребрзо возење, 833 за управување возило со истечена важност на сообраќајната дозвола, а 301 за минување на црвено светло. Во текот на истиот месец биле изречени и 781 мерка забрана за управување со возило, од кои 486 за пребрзо возење, а 295 за минување на црвено светло.

Системот „Безбеден град“ започна со пробна работа на 1 декември 2025 година, додека официјалното санкционирање на регистрираните прекршоци почна на 1 февруари 2026 година.

Во првата фаза системот беше активиран во Скопје, Куманово и Тетово, како и на Коридорите 8 и 10. Потоа следуваше проширување на подрачјето на СВР Велес, кое ги опфаќа Велес, Кавадарци, Неготино и Демир Капија. Од 12 октомври системот функционира и на подрачјето на СВР Охрид, односно во Охрид, Струга, Кичево и Дебар.

Следна е Струмица, каде што, според најавата на Тошковски, системот треба официјално да започне со примена во првата недела од декември. Потоа активностите ќе продолжат во подрачјето на СВР Штип, каде што треба да завршат до крајот на годинава. Последна е Битола, за чие поврзување со централниот систем, според министерот, ќе бидат потребни уште еден до месец и половина.

Очекувањата на Тошковски се „Безбеден град“ до февруари да биде воведен на територијата на целата држава. Осврнувајќи се на критиките за проектот, министерот посочи дека во изминатите 15 години во сообраќајни несреќи во Македонија загинале повеќе од 2.000 луѓе.

Според најавата на МВР, поставувањето фиксни камери е само еден дел од планираните активности, кои ќе продолжат со мобилни уреди, камери во полициските возила и дополнителни мерки за контрола на сообраќајот.

CATEGORIES
TAGS
Share This