МУЦУНСКИ ДЕНЕСКА ВО ЛИТВАНИЈА Се отвора нова амбасада, во фокусот и евроинтеграциите на Македонија

Во рамките на посетата ќе биде отворена новата македонска амбасада во Вилнус, а Муцунски ќе разговара со литванскиот министер за надворешни работи за билатералните односи, економската соработка, безбедноста и евроинтегративниот процес.

МУЦУНСКИ ДЕНЕСКА ВО ЛИТВАНИЈА Се отвора нова амбасада, во фокусот и евроинтеграциите на Македонија
Фото: Принтскрин

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ќе престојува во работна посета на Литванија, каде што централниот настан ќе биде свеченото отворање на новата Амбасада на Македонија во главниот град Вилнус.

Отворањето на дипломатското претставништво претставува чекор кон зајакнување на дипломатското присуство на државата во Балтичкиот регион, како и кон продлабочување на билатералните односи и соработката со Литванија.

За време на посетата, Муцунски ќе оствари билатерална средба со литванскиот министер за надворешни работи, Кештудис Будрис. Во фокусот на разговорите ќе бидат унапредувањето на политичкиот дијалог, интензивирањето на економската соработка и напредокот на евроинтегративните процеси.

Двајцата министри ќе разговараат и за актуелните безбедносни предизвици, како и за можностите за продлабочување на соработката во рамките на евроатлантското сојузништво. Посетата на Муцунски се реализира во пресрет на преземањето на претседавањето на Литванија со Советот на Европската Унија во првата половина на 2027 година.

Овој период се очекува да биде особено значаен за политиката на проширување на Унијата и европската интеграција на земјите кандидатки, поради што разговорите во Вилнус ќе имаат и поширока европска и политичка димензија.

CATEGORIES
Share This