ЕВРОПА ГИ БАРА КРИТИЧНИТЕ МИНЕРАЛИ, МАКЕДОНИЈА ИМА РЕСУРСИ Време е за нова стратегија за рударството

Критичните минерални суровини стануваат стратешки ресурс за европската индустрија, а Македонија има можност да го искористи својот потенцијал, да привлече инвестиции и да отвори нови работни места

ЕВРОПА ГИ БАРА КРИТИЧНИТЕ МИНЕРАЛИ, МАКЕДОНИЈА ИМА РЕСУРСИ Време е за нова стратегија за рударството
Фото: Принтскрин

Критичните минерални суровини имаат сè поголемо значење за европската индустрија, економската сигурност и стабилноста на синџирите на снабдување. Во услови на зголемена потреба од овие ресурси, Македонија треба да ја препознае можноста и да преземе конкретни чекори за развој на домашниот минерален потенцијал, оценуваат од „И Здравје и Работа“.

Според организацијата, европските насоки треба да бидат поттик за усогласување на законодавството, создавање подобри услови за инвестиции и развој на рударството според современи стандарди.

Од „И Здравје и Работа“ посочуваат дека усогласувањето со европските политики не треба да остане само формална обврска, туку да се претвори во можност за економски развој и вклучување на земјата во европските синџири на снабдување.

„Македонија не смее да остане настрана од европските процеси. Критичните минерални суровини се важен дел од индустриската и економската иднина на Европа, а нашата земја има ресурси и потенцијал да биде дел од тие процеси. Потребни се современа законска рамка, стручност, инвестиции и јасни правила кои ќе овозможат развој на рударството во согласност со највисоките стандарди за заштита на животната средина“, се наведува во ставот на организацијата.

Од организацијата нагласуваат дека развојот на рударството не смее да биде на сметка на природата и здравјето на граѓаните. Напротив, современиот европски пристап подразбира одговорно управување со минералните ресурси, примена на напредни технологии, почитување на законските процедури и постојан надзор.

Според нив, Македонија има потреба од стручна и аргументирана дебата за иднината на рударството, во која одлуките ќе се темелат на научни анализи, знаење и европски практики.

„Потребно е да водиме аргументирана и стручна дебата за иднината на рударството. Одлуките треба да се носат врз основа на знаење, научни анализи и европски практики, а не врз основа на страв и дезинформации. Македонија има можност да ги искористи своите ресурси за економски развој, нови работни места и посилна индустрија, истовремено гарантирајќи одговорност кон природата и граѓаните“, порачуваат од „И Здравје и Работа“.

Од „И Здравје и Работа“ оценуваат дека усогласувањето со европските политики за критични минерални суровини може да биде важен чекор кон развој на современо и одржливо рударство. Целта, како што наведуваат, треба да биде искористување на домашните ресурси за економски напредок, привлекување инвестиции и зајакнување на индустријата, но со јасна гаранција дека заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните ќе останат приоритет.

CATEGORIES
Share This