ЕВРОПА НА НОЗЕ ПО СЕРИЈА ЗАКАНИ ЗА БОМБИ Србија и Унгарија кренаа борбени авиони

Најмалку 18 летови добиле дојави за поставени експлозивни направи, а претходниот ден биле пријавени закани за најмалку 25 авиони.

ЕВРОПА НА НОЗЕ ПО СЕРИЈА ЗАКАНИ ЗА БОМБИ Србија и Унгарија кренаа борбени авиони
Фото: Принтскрин

Серија бомбашки закани предизвика сериозни безбедносни тревоги во европскиот воздушен сообраќај, со пренасочување на патнички авиони, проверки на леталата и подигнување борбени авиони во неколку држави. Најновите инциденти се случиле во петокот, по бранот закани во четвртокот, кога најмалку 25 летови низ Европа биле погодени од дојави за поставени експлозивни направи.

Заканите се однесувале на летови од Данска, Шпанија и Велика Британија, со дестинации во Холандија, Кипар, Романија, Италија и Велика Британија. Безбедносните експерти предупредуваат дека серијата инциденти има обележја на координирана операција, додека дел од европските официјални лица ја оценуваат како можна форма на психолошка војна.

Еден од инцидентите се однесувал на лет на „Рајанер“ од Рим до Лисабон, кој бил ставен во безбедносна тревога по анонимен телефонски повик до контролната кула на аеродромот Фјумичино во Рим. Во повикот било предупредено за можна експлозивна направа во авионот.

Леталото безбедно слетало на аеродромот Умберто Делгадо во Лисабон, кратко пред 8 часот наутро. Надлежните служби ја истражуваат заканата, но засега нема потврда дека во авионот имало експлозив. Во меѓувреме, од канцеларијата на францускиот премиер соопштиле дека во петокот наутро биле добиени уште четири предупредувања за бомби поврзани со авиони кои летале над француска територија.

„Авионите слетаа безбедно. Безбедносните служби вршат инспекции“, соопштиле француските власти, додавајќи дека е започната истрага за утврдување на изворот на заканите.

Според „Гардијан“, најмалку 18 летови во текот на денот добиле дојави за можни експлозивни направи. Сериозна безбедносна тревога била регистрирана и во српскиот воздушен простор. Српското Министерство за одбрана соопштило дека два борбени авиони биле испратени околу 10:30 часот за да пресретнат патнички авион на „Виз ер“, кој летал на линијата Брисел – Софија, по добиена информација за можна експлозивна направа.

По известувањето од Контролата на летање на Србија и Црна Гора (SMATSA), биле активирани и единици за противвоздушна одбрана, како и силите за пребарување и спасување, кои биле ставени на највисоко ниво на подготвеност. Борбените авиони го следеле патничкиот авион до границата со Бугарија, по што се вратиле во матичната база во Батајница. Српското Министерство за одбрана им се извинило на граѓаните за вознемирувањето предизвикано од силниот звук при пробивањето на звучната бариера.

Повеќе патнички авиони кои требало да слетаат во Венеција биле пренасочени кон други италијански аеродроми. Меѓу нив биле „Брисел ерлајнс“ од Брисел и KLM од Амстердам – пренасочени кон Трст, „Ер Франс“ од Париз – пренасочен кон Болоња, „Иберија“ од Мадрид – пренасочен кон Болоња И „Аегеан“ од Атина – пренасочен кон Болоња.

Дел од авионите подоцна ги продолжиле летовите кон Венеција. Дополнително, два авиона кои полетале од Лондон и Брисел слетале во Софија по добиени пријави за бомби, соопштило бугарското Министерство за транспорт. Во Холандија, воени полициски службеници го провериле авионот на KLM кој пристигнал од Прага, но не пронашле експлозивна направа.

И Унгарија морала да ги активира своите воени воздухопловни сили. Според објавата на министерот за одбрана Ромулуш Рушин-Сенди, унгарските борбени авиони биле кренати трипати во текот на утрото за да ги следат цивилните летови во унгарскиот воздушен простор по добиени закани за бомби.

Првото предупредување се однесувало на летот на „Виз ер“ од Брисел до Софија (W64328), по што следеле уште две закани за летови од Прага кон Кипар и Букурешт. Аеродромот во Прага, пак, потврдил дека девет авиони добиле дојави за бомби, една повеќе од претходно објавеното, но нагласил дека летовите се одвиваат без прекини.

Европските безбедносни служби се соочуваат со сериозен предизвик, бидејќи засега нема директни докази за тоа кој стои зад серијата закани. Ниту една држава или организација не презела одговорност, а официјално не е обвинета ниту една земја.

Дел од европските претставници ја поврзуваат кампањата со поддршката на европските држави за Украина во војната против руската инвазија, при што сомнежите ги насочуваат кон Москва. Сепак, засега нема потврдени докази за таква поврзаност. Експертите не ја исклучуваат ниту можноста поединци да испраќаат лажни закани, претставувајќи се како други лица или дејствувајќи од лични мотиви.

Серијата инциденти доаѓа во период на зголемени безбедносни загрижености во Европа, по претходните случаи на саботажи, вклучително и инциденти во одбранбени објекти во Балтичкиот регион и случајот со беспилотно летало на аеродромот во Лајпциг, Германија.

Засега, европските власти продолжуваат со истрагите, додека бранот закани отвора сериозни прашања за безбедноста на цивилниот воздушен сообраќај и можноста за координирани хибридни операции на европско тло.

CATEGORIES
Share This