НОВ ЌОРСОКАК ВО ПРЕГОВОРИТЕ СО БУГАРИЈА Комисијата повторно без договор, спорот за Охридската архиепископија останува отворен

Петтиот состанок годинава во Скопје заврши без напредок. Бугарската иницијатива за заедничко одбележување на 120-годишнината од смртта на Дамјан Груев не добила одговор, а предлогот на македонската страна за одбележување на отпорот против фашизмот бил отфрлен.

НОВ ЌОРСОКАК ВО ПРЕГОВОРИТЕ СО БУГАРИЈА Комисијата повторно без договор, спорот за Охридската архиепископија останува отворен
Фото: Принтскрин

Историската комисија меѓу Македонија и Бугарија повторно не успеа да постигне договор за спорните историски прашања. Петтиот состанок за 2026 година, одржан на 5 и 6 ноември во Скопје, завршил без конкретни резултати, објави бугарската агенција БГНЕС. Во фокусот повторно биле претставувањето на Охридската архиепископија во учебниците по историја и прашањата поврзани со заедничкото чествување историски личности.

Бугарската страна повторно предложила заедничко одбележување на 120-годишнината од смртта на Дамјан Груев, која се навршува во декември 2026 година. Според БГНЕС, иницијативата не добила одговор од македонските претставници. Од друга страна, македонската делегација презентирала предлог-текст за заедничко одбележување на отпорот против антисемитизмот, фашизмот и националсоцијализмот, започнат во двете земји во 1941 година.

Бугарските претставници го отфрлиле предлогот со образложение дека станува збор за поширок европски историски контекст, кој не треба да се ограничува на билатерална иницијатива.

Едно од главните отворени прашања останува начинот на кој Охридската архиепископија ќе биде претставена во учебниците по историја. Ниту на последниот состанок не бил постигнат договор за ова прашање. БГНЕС оценува дека ваквиот развој е уште еден показател за продлабочувањето на застојот во работата на комисијата, која беше формирана со цел да придонесе за надминување на историските несогласувања.

Бугарските историчари повторно се повикале и на очекувањата на Европскиот парламент и Европската комисија за јасни и опипливи резултати. Во европските документи се нагласува дека препораките треба да се темелат на објективни, автентични и документирани историски извори и научно толкување на историските факти.

Во извештајот на Европската комисија, пак, се нотирани четири состаноци во периодот од септември 2025 до март 2026 година, без постигнување конкретни резултати.

Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија е формирана врз основа на член 8, став 2 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и тогашна Република Македонија, потпишан на 1 август 2017 година во Скопје, а стапен во сила на 14 февруари 2018 година.

Следниот состанок на комисијата е најавен за почетокот на декември во Софија, но по досегашните несогласувања останува неизвесно дали ќе има конкретен напредок.

CATEGORIES
Share This