СОФИЈА ЈА ОДБИ ПОНУДАТА НА МИЦКОСКИ ЗА ЕВРОПСКИ МЕДИЈАТОР Бугарија бара Македонија да го смени политичкиот наратив
Бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова порача дека Софија не отстапува од договорите од 2022 година и не гледа потреба од европско посредништво, бидејќи прашањата со Македонија, според неа, се веќе дел од европскиот процес.

Софија ја одби идејата за европски медијатор во дијалогот со Скопје и испрати нова порака до македонските власти. Бугарија не планира да отстапи од договорите постигнати во 2022 година, а од Македонија очекува промена на политичкиот наратив, кој според официјална Софија не треба да биде насочен против Бугарија.
Ова го изјави бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова во бугарското Собрание, одговарајќи на пратеничко прашање за можноста за дијалог на високо ниво меѓу двете земји во врска со европската интеграција на Македонија.
Петрова посочи дека за време на мандатот на администрацијата на премиерот Румен Радев биле одржани само две официјални средби со македонската страна. Воедно, ги оцени како неосновани тврдењата од Скопје дека во моментов се водат преговори со Бугарија за членството на Македонија во Европската Унија.
Бугарската министерка ја отфрли можноста за вклучување европски медијатор во разговорите, образложувајќи дека станува збор за прашања кои, според Софија, произлегуваат од договори усвоени и одобрени на европско ниво.
„Нетипично е да има медијатор меѓу земја членка на Европската Унија и земја кандидат според договори кои не се од билатерален карактер, туку се усвоени и одобрени на европско ниво“, изјави Петрова-Чамова.
Таа нагласи дека Бугарија останува на досегашните позиции и очекува од Македонија да покаже подготвеност за формирање политички наратив кој нема да биде антибугарски.
„Бугарија очекува Република Северна Македонија да биде подготвена да формира политички наратив кој не е насочен против Бугарија“, порача министерката.
Изјавите од Софија доаѓаат откако премиерот Христијан Мицкоски предложи во дијалогот меѓу Македонија и Бугарија да бидат вклучени претставници на Европската Унија како медијатори. Од друга страна, шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски изјави дека разговорите со Софија се одвиваат и имаат поддршка од европските институции и од земјите членки на Унијата.
Одговарајќи на новинарско прашање по средбата со швајцарскиот министер за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Игнацио Касис, Муцунски рече дека Македонија работи на дијалог за отворените прашања со Бугарија.
„Во однос на прашањето со Бугарија, мислам дека прилично јасно кажавме дека во моментот работиме на дијалог за кој, како што слушнавте од претставниците на Европската Унија, имаме поддршка и од европските институции и од земји членки“, изјави Муцунски.
Претходно, на 4 ноември, еврокомесарката за проширување Марта Кос во Брисел изјави дека Европската комисија презема активности за подобрување на односите меѓу Македонија и Бугарија, но дека не сите активности јавно се соопштуваат. И покрај овие пораки, засега нема најава за конкретна средба на високо ниво меѓу Скопје и Софија, ниту договор за формално посредување од страна на Европската Унија.
Главната порака од Софија засега останува непроменета: нема отстапување од договореното во 2022 година, а од Македонија се очекува промена на политичкиот наратив.

