ПОЧИНА ПО СТРАШНИОТ СУДИР НА ТЕРЕНОТ Сега семејството бара одговорност
По погребот на 30-годишниот Хесус де Мигуел, семејството формира правен тим и размислува за покренување кривична постапка против голманот Хесус Овоно.

Трагичната смрт на 30-годишниот фудбалер Хесус де Мигуел, кој почина по тешкиот судир со голманот на Андора, Хесус Овоно, добива ново продолжение. Семејството на починатиот фудбалер, според пишувањата на шпанските медиуми, подготвува правни чекори против голманот, а се споменува и можноста за кривична постапка.
Де Мигуел почина во вторникот рано наутро, помалку од 15 часа по страшниот инцидент на фудбалскиот терен. При судирот, голманот Овоно го удрил со ногата директно во пределот на градите, по што напаѓачот останал да лежи на тревата. И покрај обидите за медицинска помош, 30-годишниот фудбалер не успеал да ја преживее повредата.
По погребот, семејството за првпат се огласи со емотивно соопштение, во кое им се заблагодари на сите што им испратиле пораки на поддршка во тешките моменти.
„Не можеме да најдеме доволно зборови за да ја изразиме нашата благодарност за сите пораки за поддршка што ги добивме, за секој телефонски повик и за сè што правите за нас. Ова покажува дека нашиот син остави трага и дека нема да биде заборавен“, се наведува во соопштението.
Семејството додава дека неговото заминување оставило празнина што никој не може да ја пополни, но дека преку спомените ќе продолжи да го чува неговиот лик и дело. Истовремено, побарале приватност во периодот на жалост. И покрај емотивната порака, шпанските медиуми објавуваат дека семејството не се откажува од барањето да се утврди одговорноста за трагичниот настан.
Според „Дефенса Централ“, семејството на Де Мигуел формира правен тим кој треба да ги разгледа можностите за покренување кривична постапка против голманот Хесус Овоно. Целта, според медиумските извештаи, е да се утврдат сите околности на инцидентот и евентуалната одговорност за смртта на фудбалерот.
Во шпанските медиуми веќе се споменува и можноста Овоно да се соочи со затворска казна до четири години, доколку биде покрената постапка и биде утврдена негова кривична одговорност. Засега станува збор за најавени правни чекори и медиумски информации, а не за правосилно утврдена вина на голманот.

