СЕКОЈ ЖИВОТ Е ВАЖЕН Македонија сака да го преполови бројот на жртви во сообраќајот до 2030 година
Во изминатите 35 години годишно гинеле меѓу 145 и 150 лица на патиштата. Новата Национална стратегија предвидува драстично намалување на сообраќајните несреќи и човечките жртви.

„Секој живот е важен“ е мотото на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026–2030, чија основна цел е во наредните четири до пет години значително да се намали бројот на сообраќајни несреќи и човечки жртви.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски посочи дека во изминатите 35 години Македонија бележи загрижувачки просек од 145 до 150 загинати лица годишно во сообраќајни несреќи, оценувајќи ја состојбата како катастрофална.
Стратегијата ја презентираше Никола Дујовски, член на координативното тело за нејзина изработка, кој истакна дека главната цел е во краткорочен период од четири до пет години да се преполоват страдањата во сообраќајот.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска оцени дека Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026–2030 е значаен стратешки документ, кој ја препознава улогата на образованието во создавањето сообраќајна култура и долгорочното унапредување на безбедноста.
Документот ги утврдува клучните чекори, мерки и цели за подобрување на безбедноста на патиштата и зачувување на човечките животи, информираат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

