КРАЈ ЗА ДЕЦЕНИСКАТА ТАЈНА Се отвораат досиејата за посвојување, еве кој ќе може да ги види
По пресудата на Европскиот суд за човекови права, група пратеници предлага законски измени со кои полнолетните посвоени лица ќе добијат право на увид во сопственото потекло, а пристап ќе биде можен и од медицински причини.

По децении строга институционална тајност, посвоените лица во Македонија би можеле конечно да добијат можност да дознаат повеќе за своето биолошко потекло. Група пратеници поднесе предлог за изменување на Законот за семејството, со кој се предвидува ограничен пристап до досиејата за посвојување, по претходна индивидуална проценка на секој случај.
Предложените измени доаѓаат по пресудата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур во предметот „Митревска против Северна Македонија“ од 2024 година, со која беше утврдено дека досегашната апсолутна забрана за пристап до податоците претставува повреда на човековите права.
Досега информациите за заснованите посвојувања претставуваа строго чувана службена тајна, без можност за исклучоци, дури и во случаи кога податоците биле неопходни од сериозни медицински причини.
Европскиот суд за човекови права утврди дека домашните институции го повредиле правото на почитување на приватниот живот, загарантирано со член 8 од Европската конвенција за човекови права, бидејќи не направиле проценка на спротивставените интереси, туку автоматски ја применувале законската забрана.
Со новиот предлог не се укинува тајноста на досиејата, туку се воведуваат исклучоци што ќе овозможат пристап во конкретно утврдени ситуации. Предлогот предвидува министерот за социјална политика да формира Стручна комисија која ќе ги разгледува барањата за пристап до досиејата. За секое барање ќе се прави индивидуална проценка, при што ќе треба да се воспостави рамнотежа меѓу правото на посвоеното лице да го дознае сопственото потекло и правото на приватност на биолошките родители и другите засегнати лица.
Ова е особено значајна промена за посвоените лица кои со години се обидуваат да ги пронајдат своите биолошки родители и да добијат информации за сопствените корени. Со предложените законски измени се утврдуваат три конкретни ситуации во кои ќе може да се побара увид во документацијата за посвојување:
1. Полнолетни посвоени лица ќе добијат право на ограничен увид во сопственото досие, со цел да дознаат информации за своето биолошко потекло.
2. Посвоители на малолетни деца ќе можат да побараат пристап до документацијата доколку постојат оправдани медицински причини поврзани со здравјето на детето.
3. Биолошки сродници, крвните роднини од прв и втор степен ќе можат да добијат информации од досието, но само доколку претходно имаат изречна согласност од полнолетното посвоено лице.
Надлежното Министерство за социјална политика ќе има рок од шест месеци да ги пропише конкретните мерки за заштита на личните податоци, како и начинот на работа на Стручната комисија. Според предлогот, за спроведување на законските измени нема да бидат потребни дополнителни финансиски средства од државниот буџет.
Со ова се отвора можност за промена на долгогодишната практика, во која посвоените лица немаа законски механизам да дојдат до информации за сопственото биолошко потекло.

