ВУЧИЌ СО ДРАМАТИЧНИ ПРЕДУПРЕДУВАЊА Во ноември ќе има пад на БДП, од Експо нема да остане ништо
Српскиот претседател обвини дека студентското движење сака да ги укине традиционалните вредности, предупреди на економски последици од протестите и проговори за стечајот на Алта банка: „Целата приказна ми е многу чудна“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ упати остри критики кон претставниците на Студентската листа, обвинувајќи ги дека сакаат да ги променат традиционалните вредности на Србија, додека истовремено предупреди на сериозни економски последици во наредниот период. Во гостување на ТВ Информер, Вучиќ отвори неколку актуелни теми – студентските протести, економските перспективи на земјата, проектот Експо 2027 и стечајот на Алта банка.
Вучиќ оцени дека суштината на политичките барања на Студентската листа е укинување на традиционалните вредности на Србија. Тој тврди дека нејзините претставници сакаат промена на Јулијанскиот календар, но и влијание врз изборот на владици и патријархот Порфириј. Според него, станува збор за поширок план со кој Србија би ги изгубила своите традиционални и национални обележја.
Посебно внимание привлече неговото предупредување дека веќе во ноември Србија ќе ги почувствува економските последици од актуелната политичка криза. Вучиќ изјави дека Србија, која требало да биде една од најбрзорастечките економии, следната година може да падне на четвртото, петтото или шестото место.
Тој тврди дека е намален прометот во трговските центри, угостителските објекти и пазарот на недвижности, а како пример го посочи трговскиот центар „Галерија“, каде, според неговите зборови, прометот во последните седум дена опаднал за 90 проценти.
Вучиќ предупреди и дека проектот Експо 2027 може да биде загрозен доколку не се реализираат навреме планираните набавки и градежни активности. Тој ги обвини противниците дека со своите барања и критики создаваат пречки за реализација на проектот, кој е еден од најголемите развојни планови на Србија.
„Ако не се оди на големи набавки овој втор, нема да има ништо од Експото“, рече Вучиќ.
Вучиќ се осврна и на отворањето стечајна постапка за Алта банка, негирајќи каква било поврзаност со финансиската институција. Тој изјави дека никогаш немал сметка во банката, ниту, колку што се сеќава, некогаш влегол во нејзините простории.
Вучиќ ги отфрли и тврдењата дека станува збор за банка на Српската напредна партија или дека преку неа се одвивала незаконска трговија со пари. Сепак, изрази зачуденост од целиот случај и рече дека би сакал да ја слушне и другата страна.
„Целата приказна ми е многу чудна бидејќи сè е поврзано со нападот на сè каде што Русите имаат некакво упориште“, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека нема никаква врска со случајот и дека има доверба во гувернерката на Народната банка на Србија, Јоргованка Табаковиќ.

