БУГАРИЈА ВРАЌА РЕЧИСИ 20 ТОНИ МАКЕДОНСКИ ЈАБОЛКА Откриени опасни нивоа на пестициди
Лабораториските испитувања откриле остатоци од пестициди над законски дозволените граници.

Бугарската агенција за безбедност на храната (БАБХ) забранила увоз на пратка јаболка од Македонија, откако лабораториските анализи покажале зголемено присуство на остатоци од пестициди над максимално дозволените граници.
Станува збор за пратка со вкупна тежина од 19.350 килограми, која нема да биде пуштена на бугарскиот пазар, туку ќе биде вратена во Македонија.
Според информациите објавени од БАБХ, лабораториските испитувања утврдиле дека концентрацијата на остатоци од пестициди ги надминува законски пропишаните максимални нивоа. Поради тоа, пратката не ги исполнува безбедносните услови за увоз и продажба.
Јаболката биле откриени во рамки на засилените контроли што бугарските надлежни служби ги спроведуваат врз увозот на свежо овошје и зеленчук.
Со оваа одлука, целата пратка од речиси 20 тони е запрена на граница, а производите нема да можат да се најдат на бугарскиот пазар.
Случајот повторно го отвора прашањето за контролата на квалитетот и безбедноста на земјоделските производи што се извезуваат од Македонија, како и за почитувањето на европските стандарди за дозволени остатоци од пестициди во храната.

