АХМЕТИ ПОБЕДАТА ВО БРВЕНИЦА ЈА ПРЕТВОРИ ВО ПОЛИТИЧКА ПОРАКА Албанците се автохтон народ и основач на Македонија
Лидерот на ДУИ ја прогласи победата на Аркин Јахији за потврда на политичката позиција на Албанците, порача дека тие се „народ-основач“ на државата и ги критикуваше македонските политичари кои го нарекувале кандидатот „криминалец“.

Победата на Аркин Јахији во трката за градоначалник на Брвеница беше повод лидерот на ДУИ, Али Ахмети, да испрати силни политички пораки за етничкиот карактер на општината, улогата на Албанците во државата и односите со македонските политички партии. Ахмети изјави дека Брвеница е општина со 65 проценти албанско население и оцени дека е сосема природно нејзин градоначалник да биде Албанец.
„Вечерва вниманието на сите Албанци е насочено кон фактот дека Брвеница е општина со 65 проценти албанско население, па затоа е соодветно таа да има градоначалник Албанец“, рече Ахмети.
Тој му честиташе на Јахији и порача дека од денеска новиот градоначалник ќе биде претставник на сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност.
Лидерот на ДУИ се осврна и на изјавите на одредени македонски политичари кои го нарекувале кандидатот на ДУИ „криминалец“. Според Ахмети, ваквите квалификации се несоодветни и не придонесуваат за соживотот, додавајќи дека партиските лидери не треба да се поставуваат во улога на обвинители.
„Избрзаните изјави не придонесуваат за соживотот. На крајот на краиштата, како партиски лидери, ние не можеме да дејствуваме како обвинители“, порача Ахмети, изразувајќи надеж дека ваквите изјави нема да се повторат.
Најголемо внимание привлече изјавата во која Ахмети порача дека Македонија е татковина и на Албанците, кои ги опиша како автохтон народ и народ-основач на државата.
„Македонија не им припаѓа ниту на Христијан, ниту на Бранко Црвенковски; Македонија е татковина на Албанците – автохтон народ кој никогаш не претставувал товар за никого, додека другите биле товар за нас“, изјави лидерот на ДУИ.
Тој додаде дека Албанците преземаат одговорност за државата и треба да добијат поддршка за таквата позиција.
„Ние сме народ-основач на државата и преземаме одговорност за оваа земја. Треба да добиеме поддршка за овој став. Ние ја преземаме одговорноста да ги придвижуваме процесите напред за земјата што со право ни припаѓа нам“, порача Ахмети.

