ДВА МИЛИОНИ ЕВРА ИЗВЛЕЧЕНИ ОД АЛТА БАНКА Славески откри што следува и кој може да ја преземе

Народната банка воведе привремена администрација, а клиентите ќе можат да користат до 10.000 денари неделно преку платежните картички.

ДВА МИЛИОНИ ЕВРА ИЗВЛЕЧЕНИ ОД АЛТА БАНКА Славески откри што следува и кој може да ја преземе
Фото: Национал

Веќе има заинтересирани купувачи за акциите на Алта банка АД Битола, а Народната банка најавува дека во наредните денови ќе започне постапка за промена на сопственоста. Гувернерот Трајко Славески соопшти дека српската Алта банка, која е доминантен акционер, ќе добие краток рок да го понуди својот удел на продажба.

Според најавата, утре, 2 ноември, привремената администрација ќе ја извести белградската банка дека има рок од неколку дена да ги понуди акциите. Доколку продажбата не се реализира, постапката ќе ја преземе Народната банка.

Славески не ги откри имињата на потенцијалните купувачи, но посочи дека постои интерес за преземање на акциите, што би можело да биде решение за надминување на актуелната состојба. Гувернерот откри дека до крајот на вчерашниот ден од Алта банка биле повлечени околу два милиони евра во готовина и преку други трансфери.

„Тие потврдија дека до вчерашниот ден, заклучно со вчерашниот ден, биле во готовина и други трансфери подигнати околу 2.000.000 евра од банката“, изјави Славески.

Тој објасни дека зголеменото повлекување средства довело до привремено блокирање на банкарските картички од страна на процесорот за картички. Услугата повторно била овозможена денеска околу 12 часот. Народната банка утврди лимит од 10.000 денари неделно за користење на средствата преку платежните картички издадени од Алта банка.

Славески објасни дека ограничувањето е определено врз основа на проценката за секојдневните потреби на клиентите, посочувајќи дека просечната плата и пензија заедно изнесуваат околу 40.000 денари месечно. Сепак, интерните трансфери меѓу сметките во самата банка остануваат дозволени без ограничување на износот.

Белградската Алта банка засега останува сопственик на акциите во македонската банка, но ѝ се одземаат гласачките права. Тоа значи дека нејзиниот сопственички удел останува до евентуалната продажба, но нема да може да гласа на акционерското собрание. Воведувањето привремена администрација следува по одземањето на дозволата за работа на Алта банка во Србија. Славески нагласи дека привремената администрација не значи одземање на дозволата за работа на Алта банка АД Битола.

„Банката продолжува со работа без некои поголеми последици“, изјави гувернерот, додавајќи дека мерките се преземени за заштита на имотот на банката и интересите на штедачите.

Привремените мерки се предвидени да траат најмногу три месеци, но Славески очекува проблемите да бидат надминати и порано. Мобилното и електронското банкарство во моментов не се достапни за клиентите, но според најавите на гувернерот, се очекува повторно да бидат ставени во функција во наредните денови. До тогаш, клиентите ќе можат да располагаат со своите средства во рамките на утврдените ограничувања.

СРБИЈА И ЈА ОДЗЕДЕ ЛИЦЕНЦАТА НА АЛТА БАНКА Што ќе се случува со банката во Битола

CATEGORIES
Share This