ЛАПОРТА НЕГОДУВА, АНЧЕЛОТИ НЕ ПОПУШТА Рафиња го чека пат од 22.000 километри

Лапорта предупредува на физичкиот товар врз фудбалерите, но Анчелоти останува на своето – Рафиња е дел од плановите на Бразил и покрај неодамнешната повреда.

ЛАПОРТА НЕГОДУВА, АНЧЕЛОТИ НЕ ПОПУШТА Рафиња го чека пат од 22.000 километри
Фото: Принтскрин

Карло Анчелоти испрати јасна порака до Барселона: за време на репрезентативните паузи, тој ќе ги повикува фудбалерите за кои смета дека се важни за Бразил, без да ги приспособува своите одлуки на желбите на клубовите. Бразилскиот селектор го вклучи Рафиња во составот за претстојните пријателски натпревари против Сингапур и Јапонија, и покрај загриженоста на каталонскиот клуб поради физичката состојба на напаѓачот.

Претседателот на Барселона, Џоан Лапорта, претходно ја критикуваше зачестеноста на репрезентативните собири и големиот физички товар што им се наметнува на фудбалерите. Повредите и напорниот распоред се меѓу главните причини за загриженоста на клубовите. Но, Анчелоти јасно стави до знаење дека нема да прифаќа посебни барања кога станува збор за изборот на бразилските репрезентативци.

„Имаме добри односи со клубовите и разменуваме информации за играчите. Генерално, тој однос е добар“, изјави италијанскиот стратег.

На прашањето за евентуални посебни барања од Барселона, тој одговори директно:

„Немаме посебни барања, ниту пак ни се потребни. За време на репрезентативните паузи ќе поканиме играчи што ги сметаме за важни за бразилската репрезентација.“

Одлуката да го повика Рафиња предизвика дополнителна загриженост во Барселона. Бразилецот сè уште се враќа во натпреварувачки ритам по мускулната повреда што ја заработи на 29 септември, за време на дуелот на Бразил против Австралија во Бризбејн. Оттогаш, напаѓачот е во процес на опоравување и сè уште не успеал да воспостави континуитет во настапите, ниту редовно да ги одигрува целите натпревари.

Дополнителен проблем претставува и патувањето. Поради двата пријателски натпревари, Рафиња ќе мора да помине речиси 22.000 километри во двата правци, што може да биде дополнителен физички напор во период кога се обидува да ја врати формата.

Повикот на Рафиња е дел од пошироката стратегија на Анчелоти за обновување на бразилската репрезентација. Селекторот сака да создаде избалансиран тим во кој младите таленти ќе добијат простор покрај поискусните фудбалери.

„Го започнавме проектот за обнова на националниот тим и сега е идеален момент за тоа. Во септември почнавме со евалуација на група помлади играчи, а сега го продолжуваме истиот процес“, објасни Анчелоти.

На списокот се најдоа 15 фудбалери помлади од 23 години, а деветмина се од генерацијата што сè уште може да настапи на Олимписките игри. Станува збор за јасен сигнал дека селекторот сака да отвори ново поглавје по разочарувачкиот настап на Светското првенство, на кое Бразил беше елиминиран во осминафиналето.

Меѓу најпознатите фудбалери на списокот се Винисиус Жуниор и Ендрик од Реал Мадрид, Рафиња од Барселона, како и Габриел Магалјаеш и Бруно Гимараеш. Повикани се и Виктор Реис и Алан од Манчестер Сити, Естевао од Челси и Карлос Аугусто од Интер. Бразил прво ќе игра против Сингапур на 14 ноември, а три дена подоцна ќе се соочи со Јапонија.

Интересно е што во составот нема фудбалери од Палмеирас, Фламенго и Атлетико Минеиро, клубови кои се борат за титули во домашното првенство. Така, Анчелоти се обидува да направи баланс меѓу потребите на репрезентацијата, развојот на младите играчи и обврските на клубовите. Сепак, во Барселона главната грижа останува Рафиња и прашањето дали долгото патување и репрезентативните обврски ќе влијаат врз неговото враќање во целосна форма.

CATEGORIES
Share This