ТОА СЕ КОНКРЕТНИ РАБОТИ НА ТЕРЕН Министерството жестоко му одговори на Филипче за гасификацијата

Министерството за енергетика ги отфрли обвинувањата на лидерот на СДСМ дека државата се откажува од гасификацијата.

ТОА СЕ КОНКРЕТНИ РАБОТИ НА ТЕРЕН Министерството жестоко му одговори на Филипче за гасификацијата
Фото: Принтскрин

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги отфрли како неточни тврдењата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дека државата се откажува од гасификацијата и од отворањето нови правци за снабдување со природен гас.

Од Министерството посочуваат дека изградбата на гасниот интерконектор со Грција продолжува со обезбедено финансирање, додека паралелно се работи на подготовките за поврзување со Србија и на оспособувањето на домашната гасоводна мрежа.

„Како државата се откажува од гасификацијата ако гасоводот со Грција се гради со инвестициски грант и заеми од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој?“, прашуваат од Министерството во реакцијата на прес-конференцијата на Филипче.

Според податоците од 19 октомври, на македонската делница од гасоводот се испорачани 64 километри цевки, заварени се 43 километри, а 18 километри се поставени во ров. Експропријацијата, според Министерството, е завршена во обем од 97 проценти.

„Тоа се конкретни работи на терен, а не политички најави“, се наведува во реакцијата.

Од институцијата информираат дека се работи и на трасата и проектирањето на гасното поврзување со Србија, со цел да се отворат дополнителни можности за снабдување со природен гас. Министерството појаснува дека изградбата на гасоводите и планираната набавка и складирање природен гас за стратешки резерви се одделни процеси, со различни финансиски и технички предуслови.

Обезбедувањето стратешки резерви зависи и од достапниот складиштен простор и од транспортните капацитети. Поради тоа, според Министерството, буџетската промена сама по себе не е доказ дека инфраструктурните проекти се напуштаат.

Оттаму ги отфрлаат и оценките дека државата се насочува кон зависност исклучиво од руски гас, наведувајќи дека новите интерконектори треба да овозможат диверзификација на изворите и правците за снабдување.

Од Министерството очекуваат лидерот на СДСМ да ги заснова критиките врз целосни информации за намената на буџетските средства, финансирањето и напредокот на проектите. Според нив, издвојувањето поединечни бројки без поширокиот контекст може да ја доведе јавноста во заблуда.

Министерството нагласува дека гасификацијата продолжува и дека е подготвено да ги стави на увид документите и резултатите од проектите.

СЕ ЗАБРЗУВА ГАСОВОДОТ КОН ГРЦИЈА Цевки веќе се поставуваат, Македонија добива нов енергетски правец

CATEGORIES
Share This