НИ ПОЛИЦИЈАТА НЕ ЈА ЗАПИРА Дали Стојна е во право, а општинските власти во Кратово постапуваат незаконски
Повторното приведување на 41-годишната кратовчанка го отвора прашањето кој навистина има право да управува со познатиот туристички локалитет и да наплаќа влезници.

Познатиот туристички локалитет „Камени кукли“ кај Кратово повторно се најде во полицискиот билтен, откако 41-годишната Стојна Димитровска била приведена по пријава дека се обидела да наплати влезници од посетители. Според Министерството за внатрешни работи, инцидентот бил пријавен од двајца жители на Скопје, со иницијали Р.П. и Ј.Б., кои го посетиле локалитетот.
Како што информира МВР, приведувањето следувало по пријава дека Димитровска се обидела да им наплати билети за влез на локалитетот „Камени кукли“ од двајцата скопјани.
Најновиот случај повторно го отвора прашањето за локалитетот и за тоа како да се спречат вакви инциденти на еден од препознатливите туристички локалитети во Македонија.
Меѓутоа, да потсетиме дека во јавноста се појавија и спротивставени информации кои фрлаат поинаква светлина врз целиот случај. Според овие тврдења, Стојна Димитровска наводно има законска основа за активностите што ги презема на туристичкиот локалитет „Камени кукли“, бидејќи локалитетот се наоѓа на приватно земјиште, а и пристапот до него се одвива преку приватен имот.
Дополнително, во јавноста се изнесени и информации дека Димитровска добивала финансиска поддршка преку грантови од Европската Унија за одржување и уредување на локалитетот, што отвора дополнителни прашања за нејзиниот правен статус и улогата во управувањето со оваа туристичка атракција.
Доколку овие информации се точни, се поставува сериозно прашање дали постапувањето на општинските власти во Кратово има соодветна законска основа или, пак, се повредуваат нечии законски права.
Оттука, јавноста заслужува јасен одговор: Кој е вистинскиот сопственик на земјиштето, кој има законско право да управува со локалитетот и дали Општина Кратово располага со правен основ за своите постапки?
Случајот очигледно бара целосно расчистување на имотно-правните односи и надлежностите, наместо јавноста да добива само информации за нови полициски приведувања.

