ПО ЧЕТИРИ ГОДИНИ ПАУЗА, МАКЕДОНИЈА ПОВТОРНО НА ЕВРОВИЗИЈА Еве кога ќе се одржи натпреварот

Потврдени се 36 земји за музичкиот спектакл во Бугарија. Шпанија и Словенија сè уште се двоумат, додека неколку земји повторно ќе отсуствуваат од натпреварот.

ПО ЧЕТИРИ ГОДИНИ ПАУЗА, МАКЕДОНИЈА ПОВТОРНО НА ЕВРОВИЗИЈА Еве кога ќе се одржи натпреварот
Фото: Принтскрин

Македонија се враќа на сцената на Евровизија во 2027 година, по четиригодишно отсуство! Европската радиодифузна унија (ЕБУ) ја објави листата на учесници за 71. издание на музичкиот натпревар, кој за првпат ќе се одржи во Бугарија, во градот Бургас.

Според објавените информации, 36 радиодифузери од исто толку земји го потврдиле учеството, меѓу кои е и македонскиот јавен сервис МРТ. Посебно внимание привлекува Канада, која за првпат ќе учествува на Евровизија, откако нејзиниот јавен радиодифузер CBC/Radio-Canada стана полноправна членка на ЕБУ во јули 2026 година.

Домаќин на натпреварот ќе биде Бугарската национална телевизија (БНТ), а настапите ќе се одржат во „Бургас Арена“. Натпреварувањето ќе се состои од две полуфинални вечери, на 11 и 13 мај, и големо финале на 15 мај 2027 година.

Меѓу потврдените учесници се Албанија, Австралија, Австрија, Белгија, Германија, Грција, Италија, Франција, Велика Британија, Шведска, Швајцарија, Украина, Хрватска, Црна Гора и други земји.

Сепак, не сите ќе се вратат на евровизиската сцена. Чешка се повлекува од натпреварот, додека Холандија, Ирска и Исланд нема да учествуваат ниту во 2027 година. Шпанија и Словенија сè уште немаат донесено конечна одлука, а ЕБУ им оставила рок до декември да го потврдат своето учество.

Во полуфиналињата ќе се натпреваруваат 31 песна, а комбинацијата од гласовите на публиката и жирито ќе одлучи кои 20 композиции ќе обезбедат место во финалето. Ним ќе им се придружат директните финалисти – домаќинот Бугарија и Франција, Германија, Италија и Обединетото Кралство.

Ждрепката за распределба на земјите во полуфиналињата ќе се одржи во јануари во Бургас. Билетите за деветте настани, вклучувајќи ги телевизиските преноси во живо и генералните проби, се очекува да бидат пуштени во продажба на почетокот на 2027 година.

Дополнителни детали за сцената, водителите и придружните настани ќе бидат објавени во наредните месеци.

ГОЛЕМА НАЈАВА ОД МРТ Македонија повторно на Евровизија, најавен и целосно нов избор на претставникот

CATEGORIES
Share This