ЗАГРИЖУВАЧКИ ПОДАТОЦИ ВО МАКЕДОНИЈА Употребата на дрога станува секојдневие – во училишта, на работно место, при возење

Експертите апелираат за подигнување на јавната свест, подобра едукација и развивање на поддржувачки здравствени програми кои ќе помогнат во справувањето со зголемената употреба на психоактивни супстанции во Македонија.

ЗАГРИЖУВАЧКИ ПОДАТОЦИ ВО МАКЕДОНИЈА Употребата на дрога станува секојдневие – во училишта, на работно место, при возење
Фото: Принтскрин

Марихуаната останува најчесто употребуваната недозволена дрога во Македонија, открива најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), дел од европското веб-истражување за дроги за 2024 година. Според податоците, 32% од корисниците на недозволени супстанции ја избираат токму оваа психоактивна дрога, што ја позиционира како најраспространета во земјава.

Загрижувачки е и податокот дека над половина од испитаниците признале дека управувале моторно возило додека биле под дејство на канабис. Освен тоа, употребата на марихуана е регистрирана и на работни места, како и во образовни установи – индикација за ниска свест за ризиците и слаба институционална контрола.

Полицијата неодамна заплени значителна количина марихуана кај наплатната рампа кај Сопот, при што беа приведени две лица, настан што дополнително ја истакнува актуелноста на проблемот со недозволената трговија и употреба на дроги.

Според ИЈЗ, канабисот најчесто се користи во домашни услови, но и на отворено во природа, на јавни места, музички фестивали, клубови и барови. Ова укажува на широка и социјално прифатена употреба на супстанцијата, особено кај младата популација.

Директорката на Институтот за јавно здравје, д-р Андоновска, посочува дека најчеста причина за користење канабис е потребата за намалување на стресот и опуштање. Таа нагласува дека овие податоци ја рефлектираат потребата за посериозен пристап кон менталното здравје и начинот на справување со секојдневниот притисок.

Покрај канабисот, честа е и употребата на други супстанции како бензодиазепини (често без лекарски рецепт), производи со канабидол (CBD) и кокаин кој во 18,4% од случаите се користи во комбинација со алкохол. Овие комбинации носат значителен здравствен ризик и можат да доведат до зависност и сериозни последици по физичкото и менталното здравје.

И покрај сериозноста на ситуацијата, извештајот покажува дека мал број корисници побарале третман во изминатите 12 месеци. Причините се длабоко вкоренети страв од стигма, можни правни последици и недоверба во доверливоста на терапевтскиот процес.

Експертите апелираат за подигнување на јавната свест, подобра едукација и развивање на поддржувачки здравствени програми кои ќе помогнат во справувањето со зголемената употреба на психоактивни супстанции во Македонија.

CATEGORIES
TAGS
Share This