КУЌЕН ЗАТВОР НАМЕСТО ПРЕПОЛНИ ЗАТВОРИ Стартува системот со електронски алки

Со воведувањето на електронскиот надзор, Македонија прави значаен чекор кон модернизирање и хуманизирање на затворскиот систем.

КУЌЕН ЗАТВОР НАМЕСТО ПРЕПОЛНИ ЗАТВОРИ Стартува системот со електронски алки
Фото: Прес конференција

Директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, на прес-конференција најави дека започнува примената на електронски алки во државата, со што се отвора можност осудени лица да ја издржуваат казната во куќен затвор под електронски надзор.

Овој чекор, како што посочи Пандов, е особено значаен поради пренатрупаноста на затворите низ земјава. Моментално во македонските затвори има околу 2.300 осуденици и дополнителни 400 притворени лица, а дел од установите работат со над 100% исполнетост на капацитетите. Воведувањето на електронските алки има за цел да ја намали оваа бројка и да овозможи поефикасен и хуман систем за извршување санкции.

Во моментов, 60 лица се во процедура за добивање алки. Право на куќен затвор со електронски надзор имаат три категории осуденици: стари и изнемоштени лица, бремени жени и мајки со мали деца, како и лица со сериозни болести или инвалидитет. Барањата може да ги поднесат адвокатите на осудените лица или управите на затворите.

„Самите затвори можат да иницираат постапка за одредени категории на осуденици. Алката веќе се тестира и функционира“, изјави Пандов, кој демонстративно носеше една од алките за време на пресот.

Управата за санкции веќе формирала одделение за електронски надзор. Системот работи преку рутер со сим-картичка, кој го следи движењето на лицето. Доколку се напушти зададениот периметар или се манипулира со опремата, алката сигнализира и веднаш се активира системот за известување.

„Во таков случај, прво се јавуваме на осуденото лице. Ако не одговори, се контактира лицето кое тој го има назначено како блиско. Доколку и тоа не успее, се информира полицијата“, појасни Пандов.

Тој додаде дека еден затвореник го чини државниот буџет повеќе од 2.000 денари дневно, што ја прави оваа мерка не само практична, туку и економски исплатлива.

Со воведувањето на електронскиот надзор, Македонија прави значаен чекор кон модернизирање и хуманизирање на затворскиот систем.

CATEGORIES
Share This