ФИЛИПЧЕ ОД ПРИЛЕП СО ПОРАКА ДО ВЛАСТА Македонија останува без млади, 3.000 првачиња помалку
Држава без млади луѓе нема иднина, порача лидерот на СДСМ на маршот „Непокор. Борба. Иднина“, повикувајќи на европска иднина и услови што ќе ги задржат младите во сопствената татковина.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, од Прилеп порача дека денешната генерација има историска одговорност да обезбеди иднина во која младите ќе останат во Македонија, наместо да ја напуштаат земјата во потрага по подобар живот.
Обраќајќи се на маршот „Непокор. Борба. Иднина“, организиран по повод 85 години од Народното востание и антифашистичката борба, Филипче направи паралела меѓу борбата на предците за создавање сопствена држава и денешната задача да се создадат услови младите да живеат и да ја градат својата иднина во татковината.
„Пред 85 години нашите предци се бореа да имаме своја држава. Нашата генерација мора да се избори децата да останат да живеат тука дома. И тоа е нашата историска задача“, рече Филипче.
Тој предупреди дека празните училишни клупи и намалениот број првачиња се сериозен сигнал за демографската состојба и иднината на државата. Според него, Македонија не смее да се помири со масовното заминување на младите.
„Затоа што денес најтажната слика на Македонија се празните училишни клупи. Околу 3.000 првачиња помалку оваа година. Тоа е алармот што мора сите да го слушнеме. Затоа што држава без млади луѓе нема иднина. Ние не смееме да се помириме со тоа и нема да се помириме“, порача лидерот на СДСМ.
Филипче истакна дека иселувањето не смее да стане нормална појава и дека секој млад човек треба да има можност за достоинствен живот и перспектива во сопствената земја.
„Не прифаќаме иселувањето да стане нормалност, затоа што изолацијата не е опција. Не прифаќаме во 21. век да нема чиста вода за пиење. Не прифаќаме власта да нема одговори и никој да нема одговорност. И најмногу од сè, не прифаќаме една цела генерација да поверува дека за неа нема место во сопствената татковина“, рече тој.
Според Филипче, вистинскиот патриотизам се мери преку условите во кои живеат граѓаните денес и иднината што ќе им биде оставена на следните генерации.
Тој упати порака и до младите на возраст од 18, 20 и 25 години, оценувајќи дека нивната битка е борбата за иднината и можноста да успеат во сопствената земја.
„Затоа што патриотизам е тоа како луѓето живеат денес и што ќе им оставиме на децата утре. И тоа е мерката за успешната политика. И токму затоа денес сакам посебно да им се обратам на младите. Тие што имаат 18, 20, 25 години. Вашата генерација денес има друга битка. Битка за иднината. Ние сме тука да ја водиме за вас и со вас“, порача претседателот на СДСМ.
Како една од клучните национални задачи, Филипче ја посочи европската иднина на државата, нагласувајќи дека младите треба да добијат европски можности за образование, работа и живот без да мораат да ја напуштат Македонија.
„Затоа, наша следна голема национална задача е заедничка. Европската иднина и европски можности за секое младо момче и девојка тука во Македонија“, истакна Филипче.

