НАШИОТ ИДЕНТИТЕТ НЕ СЕ СОЗДАВА ВО КАНЦЕЛАРИЈА Ефтим Митревски со порака за Македонците во Албанија

Одговорот на овие прашања не треба да го бараме во туѓи документи, туку во нашите огништа, во нашата историја, во нашиот јазик и во живото сеќавање на народот.

НАШИОТ ИДЕНТИТЕТ НЕ СЕ СОЗДАВА ВО КАНЦЕЛАРИЈА Ефтим Митревски со порака за Македонците во Албанија
Фото: Принтскрин

Од кога се Македонците во Албанија? Каде живеат? Колку ги има? Официјалниот одговор на последното прашање го има Албанската држава. Но, одговорот на прашањето кои сме и од кога сме тука не може да се одреди со една статистичка бројка, со еден документ или со една административна одлука.

Според историските сведоштва, летописите, записите на истражувачите и научниците, како странски така и домашни, ние, Македонците, сме присутни на овие простори од памтивек. Нашите огништа не се создадени вчера, ниту нашиот идентитет е нешто што може да се измисли или избрише со административен документ.

Македонците во Албанија традиционално живеат долж источниот дел на Албанија, на западната страна од историскиот и етничкиот простор на Македонија. Од Преспа, преку Голо Брдо, па сè до Гора, македонските села сведочат за вековното присуство на нашиот народ.

Само во овие три региони постојат десетици населени места во кои со генерации се зборувал македонскиот јазик, се пееле македонски песни, се играле македонски ора и се пренесувале приказните и преданијата од дедовците и бабите на своите деца и внуци.

Границите се менувале, но народот останал

Како и зошто дел од македонскиот народ останал во границите на Албанската држава е посебна и сложена историска тема. Балканот во почетокот на XX век беше простор на големи политички пресметки, војни и прекројувања на границите. Првата и Втората балканска војна, а потоа и Првата светска војна, оставија длабоки траги врз сите народи на Балканот.

Македонскиот народ особено тешко ги почувствува последиците од овие историски настани. Границите можеле да бидат повлечени на картата од политичарите и големите сили, но тие не можеле да ги избришат спомените, јазикот и свеста на луѓето кои живееле на тие простори.

Тоа го слушавме и од нашите учители. Се сеќавам на Кичо Јорѓи, професор по современа историја во
средното училиште „Иракли Терова“ во Корча. Во седумдесеттите години, во нашиот клас бевме само двајца Македонци – јас и мојот другар Жифко.

Професорот често ни се обраќаше директно нам. Неговите часови по историја беа раскажувања за времето во кое живееле народите, за војните, за фашизмот, за нацизмот и за сојузите што ги создавале државите во едно од најтешките времиња во европската историја.

Од него научив многу. Но, уште поважно, научив дека историјата не е само список на години и настани. Историјата е сеќавање. Историјата е сведоштво. А понекогаш, историјата е и лична приказна. Идентитетот не се менува со една потврда. Кога некој намерно се обидува да го доведе во прашање вашето достоинство и вашиот идентитет, невозможно е да останете
рамнодушни.

Не затоа што треба некому да му се докажувате кои сте, туку затоа што секој човек има право да го брани своето достоинство, своето
потекло и правото самиот да го определува својот национален идентитет.

Тоа се случува во последно време со некои емисари кои доаѓаат од Бугарија и сакаат да ни го сменат нашиот национален, македонски идентитет.

Но, идентитетот не се создава во канцеларија. Не се создава со една потврда. Не се создава со административен печат. И уште помалку може да се смени со таканаречена „селска потврда“. Идентитетот се создава и се пренесува низ генерации.

Тој се наоѓа во јазикот што мајката му го зборува на своето дете. Во песната што бабата му ја пее на внучето. Во орото што се игра на
празник. Во приказните што се раскажуваат покрај огништето. Во имињата на селата, во семејните спомени, во обичаите и во
традицијата.

Сето тоа е дел од националниот идентитет. Македонскиот јазик – најсилното сведоштво За нас, Македонците во Преспа, македонскиот јазик не е политичко прашање. Тоа е нашиот мајчин јазик.

На македонски јазик зборувале нашите родители и баби и дедовци. На македонски јазик ги кажувале своите први зборови нашите деца. На македонски јазик се пееле песните и се раскажувале приказните што со генерации се пренесувале во нашите села.
И не станува збор само за усна традиција.

Македонскиот јазик во Преспа се изучува со децении во образовниот систем. Тој се изучувал во рамките на образованието одобрено од Министерството за образование на Република Албанија – од предучилишното образование, преку основното и деветгодишното
образование, па сè до средното училиште.

Тоа е дел од историјата на македонската заедница во Албанија. Затоа, кога некој денес ќе се обиде да ни објаснува кои сме, прво треба да ги слушне нашите песни, да го чуе нашиот јазик, да ги посети нашите села и да разговара со луѓето кои овде живеат.

Нашиот идентитет е наше право Македонците во Албанија не бараат никому да му го одземат идентитетот, јазикот или културата. Го бараме истото право за себе – да го негуваме она што сме го наследиле и да им го пренесеме на идните генерации.

Нашиот идентитет не е политички проект ниту административна категорија. Тој е резултат на животот на генерации луѓе кои на овие простори го зачувале својот јазик, своите обичаи и своето сеќавање. Затоа, најдобриот одговор на сите обиди да ни се објаснува кои сме не е расправијата, туку нашето сведоштво: јазикот што го зборуваме, песните што ги пееме, традицијата што ја чуваме и спомените што ги носиме. Тоа е нашето наследство. И наша обврска е да го сочуваме./Ефтим Митревски

Македонците во Албанија: Кои сме, каде сме и од кога сме тука?

CATEGORIES
TAGS
Share This